ПАРАВОЕНИОТ ШТАБ НА ВМРО-ДПМНЕ ДАВАШЕ НАРЕДБИ ГЛЕДАЈЌИ ТВ НОВА, СВЕДОЧИ ОБВИНЕТИОТ НИНЏА НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ

    ПАРАВОЕНИОТ ШТАБ НА ВМРО-ДПМНЕ ДАВАШЕ НАРЕДБИ ГЛЕДАЈЌИ ТВ НОВА, СВЕДОЧИ ОБВИНЕТИОТ НИНЏА НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛОбвинетиот Александар Василевски - Нинџа денеска на судењето за 27 април ја дава својата одбрана. (Фото: К. Попов)

    Обвинетиот Александар Василевски – Нинџа на судењето за организираниот напад во Собранието на 27 април лани во сведочењето дојде до нападот вечерта. Кажа дека во паравоениот штаб на ВМРО-ДПМНЕ од каде што доаѓале наредбите се гледала сега веќе непостоечката „ТВ Нова“.

    „На 27 април, во ресторанот  ‘Дион’ дојдоа Никола Митревски – Кољо и други обвинети. Ми се јави директорот (на УБК) Атанасовски. Ми рече да ја следиме состојбата во Собрание, му кажал и на Јане Ченто. Во 17 часот дојде мојата сопруга. Тоа време имав контакт и со Сашо Мијалков. Ми рече, дојди во базата. Базата ни беше хотелот ’Мериот‘. Ме викнаа во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Влегов од под земја. По навика, мислев Сашо е таму. Немаше обезбедување. Стиснав на осми кат на лифтот, мислев таму е. На крајот на катот има сала. Кога влегов во салата, видов други луѓе. Сашо не беше таму. Пред мене беше парамилитарниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ: Билјана Бришковска Бошковски, Спире Ристовски, Кире Божиновски, Миле Јанакиески, Чавков Митко“, сведочи Нинџа, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

    Како се гледаше „ТВ Нова“ на телевизор, рече Нинџа, така се давале наредби: Билјана Бришкоска комуницирала со Трајко Вељаноски, Миле и Спире со Бетмен, Чавков комуницирал со Ивица Вучевски и Митко Пешов.

    „Билјана Бришкоска-Бошковски критикуваше дека пратениците не си ја завршиле работата. Немало тепачка, разочарана беше. Пратена беше насока до пратениците да ги отворат собраниските врати. Дојде директорот на УБК Владимир Атанасовски“, кажа Нинџа.

    Сведочењето на Нинџа е во тек.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари