ПАРИТЕ НА ОСИГУРЕНИЦИТЕ НЕ СЕ ИЗЛЕЗЕНИ ОД ФОНДОТ ЗА ПЕНЗИСКО, ТУКУ СЕ ПОТРОШЕНИ ЗА ЦЕЛИ НА ФОНДОТ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ПИОМ ШАИП ЗЕНЕЉИ

    ПАРИТЕ НА ОСИГУРЕНИЦИТЕ НЕ СЕ ИЗЛЕЗЕНИ ОД ФОНДОТ ЗА ПЕНЗИСКО, ТУКУ СЕ ПОТРОШЕНИ ЗА ЦЕЛИ НА ФОНДОТ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ПИОМ ШАИП ЗЕНЕЉИПИОМ допрва ќе формира одделение кое ќе се грижи за осигурениците во вториот столб и навремено префрлање на парите кон пензиските друштва. - Министерката Мила Царовска и директорот на ПИОМ Зенељи (Фото: МИА)

    Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) Шаип Зенељи вели дека не чувствува лична одговорност по откривање на скандалот дека за 12.000 осигуреници придонесот за пензиско и инвалидско осигурување од ПИОМ не биле префрлани кон приватните пензиски друштва. Тој кажа дека практично ПИОМ иницирал Министерството за труд и социјална политика заедно со меѓународни финансиски институции да го истражат случајот.

    „Парите не се излезени од ПИОМ, тие се употребени за целите на ПИОМ. Сметаме дека до ова дошло поради честите законски измени и сложениот систем за собирање и обработка на податоците. Станува збор за системска грешка и ќе соработуваме со надлежните за расчистување на случајот“, рече Зенељи.

    Тој најави дека во ПИОМ ќе формираат посебно одделение кое ќе се грижи за соодветно префрлање на осигурениците во вториот столб и навремено префрлање на средствата од придонесите кон пензиските друштва.

    Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денес кажа дека почнуваат со уплата кон двете приватни пензиски друштва за 12.000 осирениците за кои со години не биле префрлани парите во вториот пензиски столб, туку парите останувале во ПИОМ. Таа рече дека со првата уплата, која треба да заврши до крајот на овој месец опфатени се 4.926 осигуреници, а за останатите средствата ќе бидат уплатени до средината на годината. За покривање на овие средства од буџетот на државата одвоени се 19 милиони евра.

    Царовска рече дека со парите за обесштетување на осигурениците е предвидено да се обесштетат и за приносот кој би го имале во приватните пензиски друштва и дека во просек секој од нив треба да добие околу 400.000 денари.

    „Исто така договорен е трансфер на 11.319 осигуреници од вториот кон првиот столб и уплатата на средствата од пензиските друштва кон ПИОМ ќе се одвива полека“, рече Царовска.

    Овие осигуреници според министерката и директорот на ПИОМ воопшто не биле распоредени во приватните пензиски друштва, а од МАПАС велат дека тие се грижат за осигурениците во вториот столб откако ќе бидат прераспределени во приватните друштва и дека сите за кои придонесите не биле соодветно пријавени ќе добијат известување во кое друштво се и колку средства им се префрлени на сметката.

    Министерството за труд и социјална политика вчера до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против непознат сторител за скандалот со неуплатените придонеси. Со кривичната пријава е поднесена и документација од темелната анализа на пензискиот систем со која беа откриени неправилностите.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира