Парите од евробврзницата од пола милијарда евра, која Македонија вчера ја издаде на меѓународниот пазар на капитал со рок на доспевање од 7 години и каматна стапка од 2,75 отсто, ќе се искористат за враќање на стари долгови, но и за покривање на буџетскиот дефицит. Министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека со овие пари освен отплата на првата рата од РБГ кредитот земен во 2013 година, која доспева на 29 овој месец и изнесува 95 милиони евра, вратиле и една третина од еврообврзницата издадаена во 2015 година во вредност од 270 милиони евра, а чија прва рата доспева во 2020 година.
„ Парите од обврзницата нема да се користат за споменици и за жални врби, туку ќе се користат главно за покривање на буџетскиот дефицит. Ќе се користат за повисоки плати и инвестиции во образование и здравство, за поддршка на домашните и странските претпријатија, за зголемување на средства во одбраната, заради прилближување до НАТО стандардите, и за капитални инвестиции“, рече Тевдовски.
Тој кажа дека оваа еврообврзница е со историски најмала каматна стапка, и дека досегашните пет еврообврзници биле издадени со каматна стапка која се движела од 3,975 отсто до 9,875 отсто, односно нивната пондерирана просечна каматна стапка изнесува 5,34 отсто.
„Со дупло пониската каматна стапка од 2,75 отсто , постигнуваме заштеди по камати во вкупен износ од околу 90,6 милиони евра. Со оглед на тоа што со еврообврзницата враќаме речиси 200 милиони евра претходно наталожени долгови, нето задолжувањето со оваа еврообврзница изнесува околу 300 милиони евра. Особено сакам да му се заблагодарам на Гувернерот на НБРМ Димитар Богов, со кого заедно пред меѓународните инвеститори ги претставувавме перспективите на македонската економија“, рече Тевдовски.
Е.БОЧВАРОСКА