ПАРЛАМЕНТИТЕ ВО ЕУ НАОЃААТ НАЧИН ЗА РАБОТА ОД ДАЛЕЧИНА, ВМРО-ДПМНЕ НЕ ДАВА, ЧЕКА ВО КОРОНАКРИЗАТА ДА КИКСНЕ ТЕНКОТО МНОЗИНСТВО

    ПАРЛАМЕНТИТЕ ВО ЕУ НАОЃААТ НАЧИН ЗА РАБОТА ОД ДАЛЕЧИНА, ВМРО-ДПМНЕ НЕ ДАВА, ЧЕКА ВО КОРОНАКРИЗАТА ДА КИКСНЕ ТЕНКОТО МНОЗИНСТВОНи ова под куполата не ги задоволува сите протоколи на Комисијата за заштита од заразни болести, кажа претседателот на Собранието Талат Џафери (Фото:СДК.МК)

    Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ нејќат да чујат за работа од далечина додека парламентите на земјите членки на ЕУ, вклучително и Европскиот парламент најдоа начин како да не се блокира работата на народните избраници во услови на пандемија со коронавирус. Вчера спикерот Талат Џафери кажа дека во ниеден случај нема да се стави катанец на врата на Собранието и оти се бараат начини како да се организира работа и гласање на пратениците онлајн.

    „Националните парламенти во земјите членки на ЕУ усвоиле најразлични пристапи за решавање на предизвикот поврзан со организацијата на парламентите и обезбедување непречено вршење на пратеничката функција, кое беше отежнато како резултат на пандемијата со Коронавирусот. Пристапот во начинот на организирање на парламентарната функција варира од земја до земја“, истражуваше Парламентарниот институт на Собранието.

    Така, на пример, и двата дома на Парламент на Шпанија (Сенатот и Конгресот), овозможиле непречено вршење на пратеничката функција преку т.н. гласање од далечина преку употреба на електронски средства за пленарните сесии одржани за време на кризата предизвикана од корона-вирусот.

    Парламентот на Италија води дебата за организирање на работата на пратениците преку нивно сместување во различни згради со цел да се обезбеди потребното ниво на социјално дистанцирање.

    Германскиот Бундестаг преземал мерки согласно со кои ќе се намали потребниот праг за гласање во парламентот, од потребната половина од вкупниот број на пратеници за донесување на законско обврзувачки решенија на четвртина од пратениците на Бундестагот. Присуството на четвртина од сите членови ќе го задоволи ова барање, по новиот став 126 а, што ќе се додаде во Деловникот за работа на Бундестагот.

    Парламентот на Романија согласно измената на внатрешните правила за парламентарна работа донел одлука за одвивање на парламентарната работа преку целосна употреба на електронски средства во исклучителни околности (епидемии, природни непогоди, земјотреси или терористички настани),кои спречуваат пратениците да бидат физички присутни во парламентот.

    Полскиот Сејм донел одлука дека за време на епидемија само ограничен број пратеници од секоја група ќе бидат физички присутни во Сејмот, сите други ќе можат да учествуваат преку технологијата, преку видео-врска што ќе обезбеди верификација на идентитетот на секој член. Гласањето, исто така, ќе се одржи по електронски пат, по дополнителна проверка на идентитетот.

    Парламентот на Франција (двата дома, Сенатот и Конгресот), со цел да се прилагоди на кризата ковид-19, имплементирал специфични методи на работа. Ваквите методи вклучуваат: суспендирање на сите тековни активности, освен донесување закони за итни случаи и прашања до владата; намален формат за седници, ограничен на три лица по политичка група, претседател плус двајца пратеници и сл.

    Шпанскиот парламент (Сенатот и Конгресот) ги искористи одредбите за да им овозможи на своите пратеници и сенатори, да гласаат од далечина преку употреба на електронски средства на пленарните сесии одржани за време на кризата со корона-вирусот. Електронското гласање било со одредби внесено уште во 2011 и 2013 година и се однесувало само за бременост, породилно отсуство сериозно заболување на народните избраници и за други оправдани причини, но сега тие се искористени за работа во пандемијата од дома.

    Италијанскиот парламент, чиј Устав бара физичко присуство на пратениците на седница, но деловниците на двата Дома не забрануваат работа на далечина, бара модел како да го воведе. Другата идеја е да се одржи гласање во смени или членовите на парламентот да се сместат во различни згради со цел да се обезбеди социјално дистанцирање. Подготвен е законодавен предлог за формирање на заедничка комисија која ги претставува и двата дома, со цел да се донесат мерки во името на целиот парламент.

    Во германскиот Бундестаг иако гласањето се одвива по пат на рутинско снимање и електронска верификација, сепак постапката не е дизајнирана за да им овозможи на пратениците да гласаат од далечина. Откако биле земени во предвид сите можности, вклучително и „минипленар“ по примерот на Баварија, политичките партии се согласиле дека иако според член 45 од Деловникот за работа на Бундестагот се бара присуство на половина од членовите со цел да донесе законски обврзувачки решенија, согласно новонастанатата ситуација, овој праг ќе се намали значително.

    Присуството на четвртина од сите членови ќе го задоволи ова барање, по новиот став 126 а што ќе се додаде во Деловникот за работа на Буднестагот. Сепак, овој став може да биде отповикан во секое време и ќе стане неважечки најдоцна до 30 септември 2020 година. Новата постапка се заснова на консензус меѓу политичките партии. На 14 март Парламентот на Република Романија донесе одлука за изменување и дополнување на внатрешните правила за парламентарната работа да се спроведува „преку електронски средства“ во исклучителни околности (како на пример епидемии, природни непогоди, земјотреси или терористички настани) кои спречуваат пратениците да бидат физички присутни во Парламентот. Постојаното биро на двата дома (Домот на пратениците и Сенатот) ќе одлучи до кога ќе важат вакви исклучителни околности, по консултација со лидерите на парламентарните групи. На 18 март, Парламентот започнал со употреба на нова онлајн-алатка која овозможува далечинско гласање.

    На 24 март, претседателот на полскиот Сејм објавил дека Претседателството на Сејмот усвоило резолуција за промена на начинот на постапување и прилагодување на истите во време на ризик од епидемија, или вонредни состојби предвидени во Уставот. За време на епидемија, само ограничен број пратеници од секоја група ќе бидат физички присутни во Сејмот, сите други ќе можат да учествуваат преку технологијата видео-врска што ќе обезбеди верификација на идентитетот на секој член. Гласањето, исто така, ќе се одржи по електронски пат и на далечина, по дополнителна проверка на идентитетот. Се очекува пленарниот состав да се собере според овие нови правила во брз временски рок и да го прилагоди Деловникот со ретроактивно дејство.

    Новите правила, исто така, ќе овозможат комитетите и поткомитетите да се состанат преку видео-врска. Спикерот на полскиот Сејм (Собрание) истакна дека новите правила не забрануваат физичко присуство на пратениците, но се надева дека сите политички партии ќе решат, на доброволна основа, да го ограничат физичкото присуство. Сенатот (другиот дом на полскиот парламент) сè уште нема воведено измена во неговиот деловник.

    Во Франција, Деловникот за работа на двата дома, Националното собрание и Сенатот, пропишува физичко присуство на членовите со цел да гласаат, а не постојат одредби за гласање на далечина. И двата дома им овозможуваат на нивните членови да гласаат преку полномошник во специфични околности (вклучително и виша сила). Во Националното собрание, пратеник може да ополномошти друг пратеник да гласа во негово име само во „нормални времиња“.

    Сепак, со цел да се прилагоди на кризата ковид-19, Националното собрание се согласило за специфични методи на работа. Ваквите методи вклучуваат: суспендирање на сите тековни активности, освен донесување закони за итни случаи и прашања до владата; намален формат за седници, ограничен на три лица по политичка група, претседател плус двајца пратеници; и проширената делегација на гласање (можност за цела група да делегира гласови на еден член на групата). На 22 март, двата дома се согласиле за законот за прогласување на вонредна состојба како резултат на состојбата со ковид-19 во период од два месеци, со специфични одредби за парламентарна контрола.

    ВМРО-ДПМНЕ смета дека онлајн-собрание во корона кризата е само алиби за тенкото владејачко мнозинство, бидејќи некои од тие пратеници не се појавуваат на работа и нема кој да гласа.

    СДСМ, пак, смета дека еден собраниски службеник или еден пратеник да се зарази, ќе отиде цело Собрание во изолација и Македонија пак ќе нема функционален законодавен дом, луксуз што повеќе не смее да се дозволи.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира