ПАТИШТА, ВОДОВОДИ, СОЦИЈАЛНИ СТАНОВИ, ГАСОВОДОТ, ПРОДОЛЖУВААТ НАЈНОРМАЛНО СО ГРАДБА, НЕМА ОТПУШТЕНИ ГРАДЕЖНИ РАБОТНИЦИ, ТВРДИ СУГАРЕСКИ

    ПАТИШТА, ВОДОВОДИ, СОЦИЈАЛНИ СТАНОВИ, ГАСОВОДОТ, ПРОДОЛЖУВААТ НАЈНОРМАЛНО СО ГРАДБА, НЕМА ОТПУШТЕНИ ГРАДЕЖНИ РАБОТНИЦИ, ТВРДИ СУГАРЕСКИПроектите од инфраструктурата се главно од лански тендери, а некои се и од годинава, од мај ќе се засили работата на терен, ќе се брка истата статистика од лани, вели Сугарески (Фото: СДК.МК)

    Ниту еден проект од инфраструктура не е запрен со пандемијата од коронавирус, нема отпуштени градежни работници, а бројките на реализација на капиталните инвестиции во првиот квартал е нормален како за зимските месеци јануари, февруари и март секоја година, тврди министерот за транспорт Горан Сугарески.

    Предмалку на прес-конференција во Владата тој кажа дека најважно е оти коронавирусот не смее да ја спречи градбата на автопатот Кичево-Охрид, на магистралните и регионалните патишта кои се почнати, а си продолжуваат како во најнормални услови да се градат и почнатата железница, гасоводот, водоводи, социјални станови.

    Без патната инфраструктура, рече Сугарески, во првиот квартал Министерството од своите проекти има реализирано 10 отсто, што не отскокнува од редовната статистика во зимски месеци секоја година. Најави забрзување и завршување на почнатите проекти. Повеќето се од тендери распишани во 2019 година, но има некои и од оваа.

    Но и во изградбата на патиштата, која е под ЈП за државни патишта, бележиме реализација од 60 милиони евра, заклучно со април, рече Сугарески, односно 21 посто од предвидената програма на претпријатието.

    Изградбата на водоводи во првиот квартал е преку 110 милиони денари, кои се со кредити. Интензивно се градат 506 социјални станови во повеќе градови во внатрешноста, рече Сугарески.

    Од мај ќе се засили работата на терен, ќе се брка истата статистика од лани, вели тој.

    Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов кажа дека градбите течат, се работи во пандемијата и нема да има кратење на капиталните инвестиции во инфраструктурните проекти. Од предвидените 18,5 милијарди денари во годишната програма, до април реализирани се 4 милијарди.

    За делницата Кичево – Охрид рече дека во моментов  на изведувачот му се предадени 38 објекти за изработка на косини, уште 20 проекти се изработени од проектантот и предадени се на ревизија на Градежниот факултет. Но автопатот Скопје-Блаце е се уште во почетна фаза на градба.

    „Немам информации дека градежни работници се отпуштаат“, одговори Сугарески на новинарско прашање.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира