Професорката Гордана Силјановска – Давкова од ВМРО-ДПМНЕ кажа дека ако ова што го бара од нас ЕУ го тера и понатаму, кршејќи ги своите основни принципи на кои почива, таа ќе остане машинерија на министри, без дух.
На денешната седница за уставните измени, таа побара уште еднаш да ги прочита ЕУ своите принципи: дека ќе ги почитува историјата, традицијата културата на секоја држава, идентитетот не само на секој поединец, туку и на цели нации, итн.
Таа кажа дека патот на Македонија кон ЕУ овојпат нема да биде преку Софија и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе глас по сопствено убедување. Рече и дека ако промената на Уставот била евроинтегративен фактор, ние денеска ќе претседававме со ЕУ.
Силјановска – Давкова која во говорот доминантно се обраќаше на ЕУ, исто така доби аплауз како претходно премиерот Ковачевски од своите.
За Халил Снопче од Алијанса за Албанците, Македонија сè уште е невидлива во меѓународната политика, иако доби видливост во НАТО. Кажа дека ако се изолираме и останеме дупка со криминал, не само Македонците, туку и Албанците ќе фатат да бараат бугарски пасоши за да бегаат одовде.
Одлуката за пoтребата за носење на уставни измени се носи со двотретинско мнозинство од вкупниот број од пратениците, што значи со најмалку 80 гласа. За дневниот ред гласаа 70 пратеници, што е сигнал дека за уставните измени фалат 10 пратеници.
С. К. ДЕЛЕВСКА