ПАЦИЕНТИТЕ СО ВИЛСОНОВА БОЛЕСТ ЌЕ ВРШАТ ИСПИТУВАЊА НА ТОВАР НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО

    ПАЦИЕНТИТЕ СО ВИЛСОНОВА БОЛЕСТ ЌЕ ВРШАТ ИСПИТУВАЊА НА ТОВАР НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВОИнститутот за клиничка биохемија доби нов апарат Атом-апсорпциски спектрометар со кој може да се одредува концентрација на тешки метали, посебно на бакар во урина и во серум, испитување важно за пациентите со Вилсонова болест. - Министерот за здравство Венко Филипче на денешната посета на Институтот. (Фото: Министерство за здравство)

    Пациентите со Вилсонова болест за првпат ќе ги вршат потребните испитувања во државата на товар на Фондот за здравство, откако Институтот за клиничка биохемија доби нов апарат Атом-апсорпциски спектрометар со кој може да се одредува концентрација на тешки метали, посебно на бакар во урина и во серум.

    Ова испитување е брз метод за утврдување вишок бакар во организмот во процесот на дијагностика, што е  значајно за пациентите со Вилсонова болест, кои користат хелаторска терапија, која помага вишокот бакар во организмот да се исфрли преку урина. Следењето на нивото на бакарот во урина е едно од неопходните испитувања за следењето на прогресот на болеста, и е директен показател на ефектите од терапијата.

    „ Над 30 пациенти во нашата земја боледуваат од оваа болест. Овој апарат значајно ќе им го олесни пристапот до дијагноза, но и контрола, на тоа како влијае терапијата за оваа ретка болест. Тоа значи дека отсега па натаму, огромните суми на пари над 5.000, 6.000 илјади денари кои тие ги плаќаа во приватните амбуланти, сега само со партиципација од 200 денари ќе ја прават оваа анализа на Клиниката за клиничка биохемија. Буџетот за ретките болести во 2020 година е значајно зголемен и изнесува 527 милиони денари. Двојно повеќе од тоа што беше во 2017“, рече министерот за здравство Венко Филипче во Институтот.

    Ања Босилкова- Антовска, пациентка со оваа ретка болест и членка на Здружението Вилсон Македонија вели дека главната цел за која го формирале Здружението е да се обезбеди што подобар третман за лицата со Вилсонова болест, како ретка болест.

    „Кога зборуваме за третман, не мислиме само за терапија, туку и за целиот процес, од дијагностика до лекување и следење на болеста. Токму затоа сме многу среќни што успеавме со голема посветеност на Клиниката за клиничка биохемија и поддршка од Министерството за здравство да стигнеме до најдобриот начин за одредување бакар во урина, како главна дијагностичка мерка, како главна мерка со која се следи болеста“, рече Босилкова- Антовска.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари