Премиерот Зоран Заев ќе го разреши од функцијата директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски кој не сака да вработи 35 рамковни административци. Премиерот денеска кажа дека тоа што секој ден Пауновски се препукувал во јавноста со него и со потпретседателот на Владата е неприфатливо и имало хиерархија која треба да се почитува.
„Институциите кажуваат дали некој од тие што им се понудени може да се вработи или не може, имало и други институции кои одбиле дел од предлозите. Но, секој ден да се препукувате со потпретседателот на Владата, гледам сега и со претседателот на Владата не може. Очекувам да биде даден предлог за негово разрешување и тоа од Љупчо Николовски. Сметам дека постои основ за негово разрешување затоа што не може да си дозволите јавно да давате вакви коментари, понижувајќи ги претпоставените. Пауновски е мој пријател, но ова е пркос којшто е недозволен, хиерархијата треба да е поставена и треба да функционира успешно“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на „Кемет Електроникс“.
Заев кажа дека од 1.349 рамковни административци кои земаа плата, а не одеа на работа, 1.182 прифатиле распределување, 38 одбиле и одат на трансфер листа, а 13 сами си дале отказ.
Пауновски денеска кажа дека ако премиерот не го разбира зошто не сака да ги потпише решенијата, слободно да го разреши од функцијата.
„Ми даваат 35 луѓе за во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга, а таму немаме потреба од нови вработување, туку во Струмичкиот Регион и во источна Македонија. Па овие нови вработени нема да има каде да ги сместиме, нема место во канцелариите, пак ќе треба дома да седат. Точно е дека барав вработување, ама за градовите каде немаме инспектори, каде бироата ни се празни, а не за онаму каде сме до максимум исполнети“, рече Пауновски.