ПЕНДАРОВСКИ ПРОГЛАСИ НОВА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА ОД 30 ДЕНА, СЕ ЧУДИ ЗОШТО НЕ СЕ СВИКУВА СОБРАНИЕТО НА ПРЕДЛОГ НА 20 ПРАТЕНИЦИ

    ПЕНДАРОВСКИ ПРОГЛАСИ НОВА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА ОД 30 ДЕНА, СЕ ЧУДИ ЗОШТО НЕ СЕ СВИКУВА СОБРАНИЕТО НА ПРЕДЛОГ НА 20 ПРАТЕНИЦИПретседателот Стево Пендаровски со претседателот на Собранието Талат Џафери и министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешниот состанок на Советот за безбедност, кој се одржа во скратен состав, бидејќи премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче се во самоизолација откако вчера се сретнаа со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој е позитивен на КОВИД-19. (Фото: Кабинет на Претседателот)

    „Уставот не предвидува ваква ситуација за продолжување на вонредната состојба. Собранието не може да ја потврди мојата прва одлука за вонредна, бидејќи не се состанува. Уставот има празнина, но не можеме да се криеме позади флоскули и правни празнини во ваква ситуација кога поради пандемијата со коронавирус, ни се загрозени здравјето и животот на сите. На денешната седница на Советот за безбедност, на предлог на Владата, одлучив повторно да прогласам вонредна состојба“, рече претседателот Стево Пендаровски, на прес-конференција по Советот за безбедност.

    Со тоа, тој не ја продолжува постојната вонредна состојба, која завршува денес, туку прогласува нова во траење од 30 дена.

    За разлика од претседателот на Собранието Талат Џафери, кој не се согласува со мене, има три начини да се свика Собранието, вели шефот на дражавата.

    „Пратениците земаат плата и никој од нив нема побарано апанажа. А и да побараат, нема да добијат, зашто мандатот не им е завршен. Може претседателот на државата да побара да се свика Собранието, може премиерот, а третиот начин е на предлог на 20 пратеници“, рече претседателот Пендаровски, со зачуденост зошто тоа не се направи на третиот начин, бидејќи како што рече, нема да наиде на позитивен одек, ако го стори тоа тој или премиерот.

    Пендаровски потсети дека според Уставот, мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи во случај на воена или вонредна состојба, а не да се скрати поради тоа.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари