Претседателот Стево Пендаровски утре напладне ќе му го врачи мандатот за составување влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев, соопштија од претседателскиот кабинет.
„Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, утре – 13 август 2020 година, четврток, во 12:00 часот, мандатот за состав на Владата на Република Северна Македонија ќе му го довери на Зоран Заев, претседател на СДСМ и пратеник во Собранието на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението.
Според Уставот, претседателот Пендаровски има рок до 10 дена по конституирањето на Собранието да го даде мандатот за составување влада, а тој рок истекува задутре. Откако ќе го прими мандатот, мандатарот, во случајов Заев, во рок од 20 дена треба на Собранието да му поднесе програма и да го предложи составот на владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Од претседателскиот кабинет велат дека Заев го информирал Пендаровски за преговорите за обезбедување мнозинство во парламент.
„Зоран Заев, во име на коалицијата ’Можеме’, која што има освоено најголем број пратенички мандати во Собранието, го информираше претседателот Пендаровски за преговорите со повеќе партии за обезбедување на неопходното мнозинство во Собранието за избор на владата“, се вели во соопштението.
На предвремените парламентарни избори на 15 јули, коалицијата предводена од СДСМ освои 46 пратенички мандати, два повеќе од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ има 15 пратеници, коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, Левица 2 и ДПА 1.