Американското министерство за одбрана во 2018 испратило тимови со експерти за сајбербезбедност во Украина, Црна Гора и Македонија за да го пронајдат опасниот софтвер што Русија го вметнала во нивните безбедносни системи, пишува „Вашингтон пост“. Според весникот, тимовите влегле и делувале со дозвола на владите во овие земји.
„Наидовме на вистинска ризница. Она што нѐ изненади е колку биле дрски. Нивните активности навлегле многу длабоко“, изјави висок функционер од Пентагон.
Меѓу другото, американските експерти откриле софтвер кој овозможува контрола на инфицираните компјутери од далечина, без да може корисникот да го детектира.
„Русите не се труделе многу да ги сокријат трагите од нападот врз мрежите“, вели функционерот.
„Пост“ пишува дека оваа активност на САД ќе продолжи и во изборната 2020 година, при што на Москва сака да ѝ се испрати порака „знаеме што правите“.
Во јули 2018, македонската новинска агенција „Мета“ извести дека истражувачките новинари на „Базфид“ и Проектот за известување за организиран криминал и корупција откриле информации за службен пат на руска специјалистка од оваа област во Македонија. Ана Богачева, членка на руската Агенција за истражување на интернетот, на новинарско прашање што барала во Македонија во јуни 2015 одговорила дека „не зборува за својата работа“.
Богачева е една од 13-те руски државјани обвинети во февруари 2018 за наводно мешање во американските избори во 2016. Нејзината посета се случила само еден месец откако тогашниот претседател Иванов одби да го поддржи бојкотот на членките и сојузниците на НАТО на парадата по повод Денот на победата во Москва, во знак на протест поради руската агресија на Украина. Иванов тогаш беше еден од ретките европски шефови на држави кои му се придружија на Путин на трибините.
На денот на парадата, македонските оружени сили ја почнаа операцијата во Диво Насеље во Куманово, во која загинаа осуммина полицајци.