Пензионерите од сите градови денеска на протест пред Министерството за труд и социјална политика протестираа барајќи повисоки пензии. Исто така, побараа оставка од претседателката на Сојузот на пензионери Станка Трајкова.
„Нашите барања ќе ги доставиме и до Владата. Бараме линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари, а минималната пензија да биде 18.000 денари. Бараме да се укине Сојузот на пензионери оти не ги штити нашите интереси. Ние тука сме столбот на Македонија“, рекоа пензионерите од Прилеп.
Пензионерите на протестот ја повикаа министерката за труд и социјална политика Јованка Транчевска да излезе од својата канцеларија и лично да ги чуе нивните барања. Рекоа дека државата ги оставила на работ на егзистенција и дека со овие пензии не можат да преживеат. Дури 80 отсто од пензионерите се со минимални или просечни пензии, кои не се доволни да се помине месецот со оглед на инфлацијата и поскапувањата.
„300.000 гласачи се пензионери. Политичарите кои ги бараат нашите гласови нѐ изневерија, нека ни кажат како да преживееме со 12.000 денари месечно, како да платиме струја, вода, да купиме храна и лекови“, рекоа пензионерите од Штип.
„Ние не сме кучиња па да ни фрлаат коска со 6 отсто зголемување. Тоа е неприфатливо за нас и нема да отстапиме од барањата“, рекоа пензионерите од Свети Николе.
А. АНТЕВСКА