ПЕШЕВСКИ НЕВРАБОТЕН, ЈАНАКИЕСКИ СТАНАЛ ШЕФ ВО „ПЕЛИСТЕРКА“

    ПЕШЕВСКИ НЕВРАБОТЕН, ЈАНАКИЕСКИ СТАНАЛ ШЕФ ВО „ПЕЛИСТЕРКА“Обвинетите Миле Јанакиески и Владимир Пешевски денеска пред Основниот суд Скопје 1 за рочиштето за случајот на СЈО „Траекторија“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Обвинетиот во случајот на СЈО „Траекторија“, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, денеска пред Основниот суд Скопје 1 кажа дека е магистер по деловна администрација, но дека е невработен. Во моментов зема апанажа, која му следува една година од напуштањето на вицепремиерската функција.

    За разлика од него, кообвинетиот во овој случај, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески работи во АД „Пелистерка“ и тој не користи апанажа. Пред судот рече дека работи како раководно лице во АД „Пелистерка“.

    Ќе ги оспориме сите наводи на Специјалното обвинителство во целост, најави адвокатката на обвинетиот поранешен вицепремиер Владимир Пешевски по воведните зборови на обвинителката од СЈО Лиле Стефанова на денешното судење за незаконскиот тендер со кинеската компанија „Синохидро“ за изградба на два автопата во Македонија.

    Покрај Пешевски и Јанакиески, обвинети се и експремиерот Никола Груевски и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски. За тврдењето на СЈО дека обвинетите го излажале Собранието дека „Синохидро“ има најповолна понуда, прикривајќи дека постои уште една, пониска за 4,8 милиони евра, одбраната на Пешевски рече дека законот за реализација на инфраструктурните проекти, изградба на двата автопата, бил донесен со само еден глас „против“ во Парламентот.

    Адвокатката рече дека одлуката за „Синохидро“ била донесена од Владата, а не од обвинетите. За СЈО, пак, токму записниците од седниците на Владата за оваа точка, се доказ дека тогашниот премиер Груевски ги убедувал министрите да донесат одлука без тендер кинеската компанија да ги гради автопатите.

    И адвокатите на Јанакиески се повикаа на колективна одговорност на Владата и на Собранието кои го изгласало законот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира