ПЕШЕВСКИ ПОТПИШАЛ МАКЕДОНИЈА ДА ПЛАЌА ЗА ДОЦНЕЊЕТО НА КИНЕЗИТЕ ЗА АВТОПАТОТ КОН ШТИП

    ПЕШЕВСКИ ПОТПИШАЛ МАКЕДОНИЈА ДА ПЛАЌА ЗА ДОЦНЕЊЕТО НА КИНЕЗИТЕ ЗА АВТОПАТОТ КОН ШТИППоранешната Влада им потпишала на кинеските изведувачи дека презема одговoрност за сите пропусти, а парафот го ставиле поранешниот вицепремиер за економски прашања, министерот за транспорт и врски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта; - Вицепремиерот Владимир Пешевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески фрлија лопата на почетокот на градбата на автопатот Миладиновци-Штип на 21 февруари, 2014 (Фото: МИА)

    Поранешниот вицепремиер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Пешевски на кинеските изведувачи им потпишал документ, според кој Македонија ќе плаќа за доцнењето во изградбата на автопатот Миладиновци-Штип, објави денеска Дојче веле повикувајќи се на неименуван висок владин претставник.

    Според Дојче веле, во владата сега се соочиле и со барање од кинеските изведувачи „Синохидро“ за продолжување на рокот за изградба на делницата кон Штип. Од компанијата барале уште една година за работа на терен, но и дополнителни пари за покривање на пропустите за кои од поранешната влада добиле потпис дека вината не е кај нив.

    „Од она што досега го утврдивме е дека поранешната Влада им потпишала на кинеските изведувачи дека презема одгoворност за сите пропусти. Тоа практично значи дека ние како држава сега ја преземаме одговорноста за доцнењето и направените пропусти. Станува збор за технички детали и тоа на повеќе позиции. Парафот го ставиле поранешниот вицепремиер за економски прашања, министерот за транспорт и врски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта. Допрва анализираме како ќе постапиме“, открива за Дојче веле висок владин претставник.

    За тендерите со автопатите обвинение поднесе и СЈО во случајот „Траекторија“ во кој експремиерот Никола Груевски и ексвицепремиерот Пешевски се сомничат дека проектот незаконски го доделиле на кинеската градежна компанија со што го оштетиле буџетот на Република Македонија за 155 милиони евра; – Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ направи увид во изградбата на Миладиновци-Штип, на 22 мај годинава, една недела пред да се изгласа новата влада на Зоран Заев (Фото: МИА)

    Со анекс на договорот, кинеската компанија бара да се одложи рокот за завршување на автопатската делница Миладиновци-Штип која првично требаше да биде готова во мај годинава.

    „Кинеската компанија сега бара одложување на рокот за изградба на автопатската делница до мај 2018 година. Или наместо мај 2017, една година подоцна. Бараат да се потпише анекс на договорот со кој оваа работа ќе се утврди дополнително. Ние тоа го немаме сѐ уште потпишано, но очигледно дека ќе мора бидејќи тоа е тоа. Колку точно ќе значи тоа дополнително во пари засега не може да се каже со точност. Но сигурно дека станува збор за неколку милиони евра повеќе од првично планираните 216 милиони евра, колку што требаше да чини изградбата на оваа делница“, вели изворот на Дојче веле.

    Во извештајот од надзорот кој го објави Дојче веле, констатирани се проблеми со нестабилност во косините, потреба од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни и станбено деловни објекти, неусогласеност на проектната документација со состојбата на терен, потреба од дополнителни заштити и потпори на тунелите поради лошите материјали. Надлежните не негираа, туку напротив признаа пропусти.

    „Секогаш има проблеми на такви големи проекти.  До сега сме имале проблеми од аспект на дислокација на земјиште, зголемување на ископите, погрешни категоризации на земјиште од проектот, зголемени површини на земјени маси кои што произлегоа од лошата геологија. Но не можам да шпекулирам. Дали е грешка во проект или на терен тоа треба да се испита. Секој проблем е поединечен и се бара поединечно решение“, изјави за Дојче веле Александар Стојанов, директор на Јавното претпријатие за државни патишта.

    За тендерите со автопатите обвинение поднесе и Специјалното јавно обвинителство. Станува збор за случајот „Траекторија“ во кој поранешниот премиер Никола Груевски и неколку високи владини функционери се сомничат дека проектот незаконски го доделиле на кинеската градежна компанија со што го оштетиле буџетот на Република Македонија за 155 милиони евра.

    Кривичниот суд веќе одреди мерки за претпазливост за поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, кој е еден од обвинетите во „Траекторија“. Но наместо притвор, како што бараше СЈО, на Пешевски му е одземен пасошот и му е наложено секој вторник да се јавува во судот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира