ПЕТ БОЛНИЦИ И ЧЕТИРИ УЧИЛИШТА ДОБИЈА 428.066 ЕВРА НЕПОВРАТНА ПОМОШ ОД ЈАПОНИЈА ЗА МАЛИ ПРОЕКТИ

    ПЕТ БОЛНИЦИ И ЧЕТИРИ УЧИЛИШТА ДОБИЈА 428.066 ЕВРА НЕПОВРАТНА ПОМОШ ОД ЈАПОНИЈА ЗА МАЛИ ПРОЕКТИКлиниката за гинекологија и акушерство од Скопје ќе набави 40 нови електрични болнички кревети, душеци и основен мебел со грант од 54.166 евра. - Амбасадорката на Јапонија Кеико Ханеда со вицепремиерот Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче

    Јапонија додели девет грантови на здравствени установи и основни училишта преку програмата „Грант-помош за поддршка на мали проекти за човекова безбедност“ (ГГП), во вредност од 428.066 евра.

    Амбасадорката на Јапонија Кеико Ханеда денес ги потпиша договорите за грант со институциите и укажа на важноста од спроведувањето на овие проекти и посветеноста на Јапонија во зајакнувањето на билатералните врски помеѓу двете земји.

    „Ние, граѓаните на Јапонија, како пријатели на Македонија, сме многу среќни за сите жени, мажи и деца кои ќе имаат корист од овие проекти“, рече Ханеда.

    Грантовите за 2017 година, кои треба да се реализираат годинава ги добија пет здравствени установи и 4 училишта.

    Основното училиште „Браќа Миладиновци“ од Куманово со грант од 44.779 евра во клонот Соколана ќе инсталира нов систем на греење и нови прозорци. Основното училиште „Добре Јованоски“ од прилепската населба Тризла со грант од 49.456 евра целосно ќе ја замени дограмата во училиштето, ќе ги реновира тоалетите и ќе се прегради нова просторија за советување на учениците и родителите. Основното училиште „Свети Климент Охридски“ од Битола со грант од 52.348 евра комплетно ќе се реновираат прозорците и вратите во училиштето. Општината Долнени со грантот од 44.238 евра комплетно ќе го реконструира дотраениот кров и ќе инсталира нов систем за греење во училиштето Исмаил Ќемали во село Црнилиште.

    Клиниката за гинекологија и акушерство од Скопје ќе набави 40 нови електрични болнички кревети, душеци и основен мебел со грант од 54.166 евра. Здравствениот дом „Гоце Делчев“ во Општина Делчево со грант од 33.563 евра ќе купи апарат за ултразвук, а Клиника за дигестивна хирургија ќе реновира два ката од клиниката со набавка и замена на нови врати и прозорци, нов таван и молерисување во износ од 46.370 евра. Клиничката болница од Штип ќе набави две нови медицински возила за транспорт на пациенти во износ од 40.262 евра. Институтот за респираторни болести кај деца – Козле ќе купи нов апарат за ултразвук и 10 монитори за кислород во износ од 62.794 евра.

    Јапонската програма за мали грантови во земјата се спроведува од 1996 година, а неповратната помош е над 6 милиони евра. Со овие грантови, реновирани се повеќе од 60 училишта, набавена е опрема за 40 здравствени установи, а доделени се и повеќе од 20 специјализирани возила за јавните претпријатија. Во Македонија досега се доделени околу 420 милиони евра преку различни програми од Јапонија.

    Програмата за мали грантови за човекова безбедност на Јапонија се спроведува точно 30 години во над 140 земји во светот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира