Пет деца на предшколска возраст се заразени со морбили, во тек е состанок на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека децата посетувале градинка во скопската населба Радишани.
„Во кординација сме со Министерството за труд и социјална политика децата да се повлечат од градинката, засега имам толку информации. По состанокот на Комисијата ќе имаме повеќе информации и ќе кажеме кои мерки ќе бидат преземени”, рече Филипче.
Мали сипаници или морбили се заразно заболување за кое децата се вакцинираат согласно редовниот календар за имунизација. Ова заразно заболување, според епидемиелозите, е опасно кај малите деца и кај бебињата, бидејќи може да предизвика тешки компликации и смрт.
Во јануари годинава беа нотирани два случаи на морбили во Куманово, каде беа заразени 6-месечно бебе и 40-годишен маж, а во април годинава здравствените власти алармираа дека Македонија е меѓу високоризичните земји за појава на епидемија на морбили поради намалениот опфат на имунизација на децата во 2017.
Е. БОЧВАРОСКА