ПЕТ ГОДИНИ НЕ СЕ ПРИЈАВУВА НИТУ ЕДЕН ЛЕКАР НА ОГЛАСИТЕ ЗА ПОЛИКЛИНИКАТА ВО ШУТО ОРИЗАРИ, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ПО РЕАКЦИИТЕ НА ЖИТЕЛИТЕ ДЕКА НЕМААТ ЛЕКАРСКА ГРИЖА

    ПЕТ ГОДИНИ НЕ СЕ ПРИЈАВУВА НИТУ ЕДЕН ЛЕКАР НА ОГЛАСИТЕ ЗА ПОЛИКЛИНИКАТА ВО ШУТО ОРИЗАРИ, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ПО РЕАКЦИИТЕ НА ЖИТЕЛИТЕ ДЕКА НЕМААТ ЛЕКАРСКА ГРИЖАГерманската амбасада во декември лани предаде донација вредна 16 илјади евра во Поликлиниката во Шуто Оризари. (Фото: К. Попов)

    Ниту еден доктор се нема пријавено на шест огласи од 2015 до 2020 година за издавање ординации по општа медицина за матични лекари во Поликлиниката во населбата Шуто Оризари, вели Министерството за здравство.  Денеска, од Иницијативата за развој и инклузија на заедниците реагираа дека повеќе од 5 .000 жители на Шуто Оризари немаат пристап до матичен лекар, ниту можат да закажат ковид тест.

    „Работата во оваа амбуланта матичните лекари ја доживуваат како казна, затоа нема заинтересирани и покрај тоа што наводно, има огласи за концесионери, но нема интерес. Во тек на пандемија не смее да се дозволи да се остават граѓаните без матичен лекар“, кажа денеска Фадил Џемаил од Иницијативата.

    Од Министерството велат дека во моментов во тек е седми оглас за кој јавното надавање ќе биде на 7 април.

    „Инаку, Поликлиниката во склоп на Здравствениот дом Шуто Оризари има четири приватни здравствени установи и тоа ординации по општа медицина, кои во моментов се слободни поради пензионирање на матични лекари. Доколку и на овој седми оглас по ред, нема да се пријават невработените матични лекари, Здравствен Дом Скопје како давател на простор за вршење здравствена дејност и понатаму ќе нема избор туку да продолжи да го објавува огласот за издавање на просторот, сѐ со цел да се јават лекари кои би работеле во овие ординации за да може да се пружи адекватна здравствена услуга и да се унапреди здравствениот статус на граѓаните од оваа општина“, велат од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче.

    Во 2017  беше отворена и ординацијата по гинекологија, но после година и половина беше затворена затоа што докторката го раскина договорот за закуп со Здравствениот дом Скопје.

    Лани во октомври, Министерството најави дека во Шуто Оризари ќе почне да работи гинекологот д-р Божидар Бошковски. Локацијата за ординацијата е најдена, рекоа тогаш, а на средбата меѓу министерот за здравство Венко Филипче и д-р Бошковски било договорено Министерството за здравство да ја опреми ординацијата.

    „Во моментов, Министерството за здравство опремува нова гинеколошка ординација, која наскоро ќе почне со работа“, стои во денешното соопштение.

    Во моментов има 14 вработени лица, од кои осум се здравствени работници и шест дел од техничката служба. Во склоп на Поликлиниката функционираат и Ординација за превентивна здравствена заштита на предучилишни и училишни деца, детска превентивна стоматологија, како и лабораторија каде е отворен пункт за тестирање на ковид пациенти и дневно се прават и по 40 тестирања.

    „Во Поликлиниката Шуто Оризари работат и приватни здравствени ординации, концесионери кои имаат 25.000 илјади пациенти. Во Поликлиниката работи и ноќна дежурна служба секој ден од 19,30 до 7,30 наредниот ден, а во неделите до 24 часот. Саботните дежурства ги држат лекари концесионери од приватните здравствени установи од тој реон“, додаваат од Министерството.

    Своја канцеларија, како што вели Министерството,  во склоп на Поликлиниката има и невладината организација ХЕРА која обезбедување советување за млади и еднаш неделно е организирана посета од гинеколог и дерматовенеролог. Канцелар има и невладината организација „Деца од улица“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира