ПИСМОТО ЗА СПАСОВ ОД ЗАТВОРОТ ИДРИЗОВО ДО ШТИПСКИОТ СУД ПАТУВАЛО ШЕСТ ДЕНА, НЕ СЕ ЗНАЕ КОГА ИЗБЕГАЛ

    ПИСМОТО ЗА СПАСОВ ОД ЗАТВОРОТ ИДРИЗОВО ДО ШТИПСКИОТ СУД ПАТУВАЛО ШЕСТ ДЕНА, НЕ СЕ ЗНАЕ КОГА ИЗБЕГАЛШтипскиот суд откако дал согласност за распишување национална потерница по Игор Спасов, сега чека МВР да ги извести дали тој е пронајден во границите на нашата држава и ако не биде најден, да даде наредба за распишување меѓународна потерница. (Фото: МВР)

    За бегството на Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешкоски, на половина од неговата затворска казна од 14 години, сите надлежни институции дознале од медиумите. Писмото од затворот „Идризово“ со кое го известува Основниот суд Штип дека на 18 октомври во 12 часот Спасов не се вратил назад по прекинот на казната од здравствени причини, патувало до Штипскиот суд 6 дена.

    На прашање на новинарите до новиот претседател на овој суд, Ѓорѓи Андонов кој денеска положи заклетва на функцијата во Судскиот совет, зошто затаила комуникацијата меѓу „Идризово“ и судот, кажа дека не му е познато, но оти можеле од затворот да се јават и телефонски на 18 октомври. Андонов бил и сѐ уште ќе ја врши функцијата и на судија за извршување санкции во Штипскиот суд. Тој пред новинарите денеска во Судскиот совет кажа дека учествувал како судија за извршување санкции во одлуките да му се продолжи на Спасов прекинот на казната откако лекари специјалисти и судски вештаци во неколку наврати го барале и го препорачале тоа до судот. Тој одговори дека последното решение за прекин го дала негова колешка од Штипскиот суд, која била дежурна кога стигнало барањето со медицинските препораки.

    САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека се работи за судијката Невена Перица. Според нашите информации, оваа судијка го дала последниот прекин на казната на Спасов на 18 август 2019 со важење до 18 октомври во 12 часот, кога тој требало да се врати во затворот во Идризово.

    На новинарско прашање, на кој основ дежурната колешка го дозволила последниот прекин по кој Спасов и го нема, Андонов рече дека таа пред да го стори тоа дури побарала мислење и од судски вештак од Штип. Во списите за овој предмет за неколкукратните пуштања од затвор да се лечи Спасов, стои дека вештакот од Штип препорачува натамошно лекување и домашно лекување на Спасов.

    Поради таквите препораки, вели Андонов, дежурната колешка и дала решение на 18 август. Андонов на новинарско прашање одговори дека судот откако дал согласност за распишување национална потерница по Игор Спасов, сега чека МВР да ги извести дали тој е пронајден во границите на нашата држава и ако не биде најден, да даде наредба за распишување меѓународна потерница.

    Андонов одговори дека има механизам судија за извршување санкции лично да провери во каква состојба е осудено лице пуштено од затвор да се лекува надвор, но дека досега воопшто или ретко се применувала таква пракса бидејќи зад тие препораки стојат стручни вешти лица од чии наоди и препораки се раководат судиите кои не се лекари.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира