Институтот за трансфузиона медицина доби донација од 1,2 милиони единици фактор 8 за хемофилија, чија вредност изнесува околу 500.000 долари. Донацијата доаѓа по повеќе месеци блокада поради административни и бирократски проблеми.
„Благодарение на упорноста на Здружението на хемофиличари и на Институтот се овозможи надминување на сите пречки и од оваа недела лекот е достапен за Институтот, а набрзо и за пациентите. Оваа донација значително ќе ја подобри состојбата на засегнатата група пациенти со хемофилија“, кажа министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој потврди дека донацијата е од САД, поради што и се одолжи нејзината реализација.
„Бидејќи лекот не е со европска регистрација, ни беа потребни посебни сертификати за квалитет и тоа сега се заврши“, рече Клековски.
Од Институтот за трансфузиона медицина нагласија дека пациентите со хемофилија се регуларно покриени со терапија, а оваа донација е потребна за случаи кога се планира некој хируршки зафат. Во таа насока, Клековски кажа дека е потребно да профункционира регистар на хемофиличари, за да можат да се најавуваат и следат вонредни состојби, како одење на стоматолог и планирање бременост.



