Лидерот на СДСМ Зоран Заев кажа дека тој е таргет на обвинителството на Марко Зврлевски, секојпат кога Специјалното јавно обвинителство ќе отвори нов случај по денешниот распит во Основното јавно обвинителство, кое го сомничи за злоупотреба на изборна кампања. Заев се задржа околу половина час на распит и по излегувањето рече дека покрај него, осомничено е уште едно лице вработено во администрацијата на СДСМ, како и СДСМ како правно лице.
„Ни беа презентирани индициите за злоупотреба на изборната кампања во 2016 година. Јасно ни е тоа што ни беше презентирано од страна на обвинителот и договорено е следниот чекор да биде во среда, во 12 часот да направиме увид во доказите за да можеме да ја дадеме нашата одбраната. Тука сме да ја докажеме нашата невиност, почитувајќи ги институциите во нормална законска процедура. Осомничени сме јас, едно лице вработено во администрацијата на СДСМ и правното лице СДСМ. СДСМ има јавно објавен ревизорски изветај и нема никакво сомневање за начинот на кој е водена кампањата“, изјави Заев, кој не сакаше да открива повеќе детали, бидејќи, како што кажа, се работи за предистражна постапка.