ПО ШЕСТ ОГЛАСИ, ПРИВАТНА ПОЛИКЛИНИКА СЕ ПРИЈАВИ ДА ОТВОРИ ОРДИНАЦИЈА СО МАТИЧЕН ЛЕКАР ВО ШУТО ОРИЗАРИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    ПО ШЕСТ ОГЛАСИ, ПРИВАТНА ПОЛИКЛИНИКА СЕ ПРИЈАВИ ДА ОТВОРИ ОРДИНАЦИЈА СО МАТИЧЕН ЛЕКАР ВО ШУТО ОРИЗАРИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВОГерманската амбасада во декември лани предаде донација вредна 16 илјади евра во Поликлиниката во Шуто Оризари. (Фото: К. Попов)

    Приватна поликлиника се пријавила на седмиот оглас за ординација зо матичен лекар во населбата  Шуто Оризари, соопшти денес Министерството за здравство. Министерството на 24 март кажа дека ниту еден доктор се нема пријавено на шест огласи од 2015 до 2020 година за издавање ординации по општа медицина за матични лекари, откако од Иницијативата за развој и инклузија на заедниците реагираа дека повеќе од 5.000 жители на Шуто Оризари немаат пристап до матичен лекар, ниту можат да закажат ковид тест.

    „После 6 неуспешни обиди за закуп на ординација за матичен лекар во Поликлиниката во Шуто Оризари, денеска добивме апликација на седмиот оглас од приватна Поликлиника која аплицираше и планира закуп на ординацијата во рамките на своја Поликлиника. Со ваквиот систем на вршење здравствена дејност во рамките на Поликлиниката се гарантира трајноста на ова решение“, велат од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче.

    Во 2017 беше отворена и ординацијата по гинекологија, но после година и половина беше затворена затоа што докторката го раскина договорот за закуп со Здравствениот дом Скопје.

    Лани во октомври, Министерството најави дека во Шуто Оризари ќе почне да работи гинекологот д-р Божидар Бошковски. Локацијата за ординацијата е најдена, рекоа тогаш, а на средбата меѓу министерот за здравство Венко Филипче и д-р Бошковски било договорено Министерството за здравство да ја опреми ординацијата.

    „Сакам да информирам дека заврши и набавката на опремата за гинеколошката ординација за оваа општина, со што Министерството за здравство го реши и овој децениски проблем во општината“, додава Филипче.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира