ПОБАРАНА ЕКСТРАДИЦИЈА ОД ОБЕДИНЕТИТЕ АРАПСКИ ЕМИРАТИ НА ВОДАЧИТЕ НА ГРУПАТА ОД ГРЧЕЦ КОЈА ШВЕРЦУВАЛА КОКАИН ОД ЈУЖНА АМЕРИКА

    ПОБАРАНА ЕКСТРАДИЦИЈА ОД ОБЕДИНЕТИТЕ АРАПСКИ ЕМИРАТИ НА ВОДАЧИТЕ НА ГРУПАТА ОД ГРЧЕЦ КОЈА ШВЕРЦУВАЛА КОКАИН ОД ЈУЖНА АМЕРИКАМеѓународните потерници за Шеваљ Муареми и Мухамед Чајани, објавени на веб сајтот на МВР. (Фото: МВР/принтскрин)

    Два месеца по полициската акција во скопското село Грчец, кога беше уапсен дел од криминалната група која шверцувала кокаин од Јужна Америка, но и извршувала убиства во Македонија, денеска Министерството за правда побара екстрадиција од Обединетите Арапски Емирати на водачите на групата Шеваљ Муареми и Мухамед Чајани.

    „Министерот за правда Кренар Лога ги потпиша барањата за екстрадиција на Шеваљ Муареми и Мухамед Чајани. Барањата откако ќе бидат преведени ќе бидат проследени до МНР на натамошно постапување до Обединетите Арапски Емирати“, соопштија од Министерството за правда.

    Во акцијата во јануари, уапсени беа шестмина осомничени од групата од 16 лица, од кои пет добија притвор, а еден доби мерки на претпазливост. Тогаш, поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека останатите се надвор од државата подолг период, но дека полицијата знае каде се.

    Тој тогаш рече дека групата транспортирала 435 килограми кокаин од Бразил до белгиското пристаниште Антверпен, како и 106 килограми кокаин од Перу до холандското пристаниште Ротердам. Групата шверцувала дрога од Белгија во Македонија и од Албанија во Македонија.

    Во врска со групата од Грчец, Спасовски спомена обид за убиство на лице од Бардовци, убиство на албански државјанин најден во Горна Матка 15 мај 2020 и двојно убиство на 5 март 2021 март, кога во Скопје беа убиени А.Б. И Б.В.

    Осомничените од криминалната група ја користеле апликацијата за енкриптирана комуникација „Скај“, која што беше исклучена во 2021 година на барање на американските власти, а веб сајтот беше запленет од ФБИ.

    Спасовски кажа дека групата се стекнала со значителни финансиски средства кои што потоа ги инвестирале во изградба на луксузни куќи и угостителски објекти и купување недвижности, кои што се веќе предмет на финансиски истраги со цел нивна конфискација

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира