Ако нема функционално Собрание, може да дојде да се одложи почетокот на учебната година, иако сѐ уште нема одлука за тоа како ќе почне учебната година од 1 септември, кажа денес на прес-конференција министерот за образование и наука Арбер Адеми.
„За да може да почне школската година, потребно е да се донесат законски измени, а за тоа да се случи, мора да имаме функционално Собрание. Тие се подготовени од наша страна. Но , кога ќе се усвојат, зависи од Собранието. Почетокот на школската година ќе зависи од епидемиолошката состојба и од Собранието. Ние предлагаме часот во основното образование да се скрати од 45 на 30 минути, а во средното од 45 на 35. За да се усвои тоа, ни треба Собрание. Јас се залагам за физичко присуство, но тоа е мој личен став“, рече Адеми.
Министерството за здравство соопшти дека Комисијата за заразни болести на денешниот состанок побарала од Министерството за образование и наука (МОН) да достави податоци за сите училишта во сите општини во Македонија и бројот на деца во сите паралелки поединечно, кои се клучни податоци за да се утврди каде евентуално би имало онлајн настава, а дали и каде би било евентуално безбедно да се одвива настава и со физичко присуство.
„Во Министерството за образование преовладува мислење дека треба да има настава со физичко присуство, но имајќи ја предвид епидемиолошката состојба, тоа значи дека секаде каде има услови и каде дозволува состoјбата, да има физичка настава. Наш јасен став е дека нема замена за физичкото присуство“, рече Адеми додавајќи дека се разговара и за модел со комбинирана настава и за онлајн учење.
Став на Комисијата за заразни болести е наставата да почне да се одвива онлајн, освен во првите одделенија во коишто е неопходно физичко присуство на децата.
„Во оваа ситуација, стравуваме дека транспортот од и до училиште, комуникацијата на децата на одморите, за време на влез во училиштето, во заедничките простории, во ходниците, во есен во која едноставно не знаеме со што се соочуваме, што може да нѐ чека, не само ние, ниту една земја во Европа, ќе биде многу ризично да дозволиме децата да се вратат без никакво ограничување во затворена просторија“, рекоа вчера од Комисијата.
Б. НЕСТОРОСКА