Скопје, 19 март, 2016 (САКАМДАКАЖАМ.МК) – Една од последните икони на македонското глумиште, Ацо Јовановски почина на 18 март во Скопје, на 86 годишна возраст. Роден скопјанец, Ацо е македонскиот Џејмс Дин, Џорџ Клуни, македонскиот филмски херој кој играше во над 60 филмови во поранешна Југославија и во Македонија, а во театарот изигра над 100 улоги.
Прекарот Снагата, според легендите го добил зашто во младоста бил исклучително слаб, тенок и висок, а се правел важен во расправии и во боемските дискусии. Колегите со жар до денес ги прераскажуваат анегдотите што само шеретскиот дух на Ацо знаел да ги смисли на матичната сцена, Драмскиот театар каде што го помина работниот век, од 1964 година до пензионирањето, во бифеата, на филмските сетови.
Комеморативната седница за Јовановски е закажана за в недела во 12 часот во Драмскиот театар во Скопје, а погребот на гробиштата Бутел ќе биде во 14 часот.
Ацо Јовановски ќе го паметиме по Климе во првиот македонски филм „Фросина“, по „Мирно лето“, „Црно семе“, „Жед“, „Македонски дел од пеколот“, „Селска буна“, „Најдолгиот пат“, „Оловна бригада“, „Црвениот коњ“, „Јазол“, „Ангели на отпад“, по многу ТВ филмови и серии како „Јагне на ражен“, „Илинден“, „Волшебното самарче“,„Претежно ведро“, „Трето доба“, „Погрешно време“.
Театарската кариера Јовановски ја почнува по завршување на Државната средна театарска школа во Скопје во 1952 година, во Македонскиот народен театар. По 13 години поминати таму, и по Скопскиот земјотрес, тој е еден од малубројната група која преминува од МНТ, формирајќи го Драмскиот театар. Учествува во првата вечерна претства, „Богомилска балада“ и истата 1965 го игра Досе во „Бегалка“, што ќе стане една од неговите заштитни улоги.
Јовановски игра подеднакво привлечно и со успех во насловните улоги во сите жанрови, и во „Кројач за дами“ и во „Јас Клаудиј“, во „Учени жени“, „Болва во уво“, „Хенрих Четврти“, Змејот во “Јане Задрогаз“.
Ацо Снагата е урбана легенда, голем уметник, градски господин, шегаџија, боем, човек од народот кој за својата работа ги доби највисоките признанија.
Покрај незаборавните улоги, тој остави генерации одлични актери зад себе, ќерката Силвија Стојановска, со нејзините млади, а веќе истакнати ќерки, глумиците Јана и Ана Стојановски.