ПОЧИНА Д-Р ДИМИТАР ТРПЕНОСКИ, ПРВИОТ НЕЗАВИСЕН ПРАТЕНИК

    ПОЧИНА Д-Р ДИМИТАР ТРПЕНОСКИ, ПРВИОТ НЕЗАВИСЕН ПРАТЕНИКД-р Димитар Трпеноски беше првиот независен пратеник во првиот состав на повеќепартиското Собрание. (Фото: СДК.МК и приватна архова)

    Почина д-р Димитар Трпеноски, кој беше првиот независен пратеник во првиот состав на повеќепартиското Собрание, соопшти семејството. Имаше 90 години.

    Примариус д-р Трпеноски од Струга, по професија лекар-специјалист хирург, кој завршил специјализација во Воено-медицинската академија во Белград и постдипломски студии по хирургија на Медицински факултет во Белград, беше пратеник од 1991-1998 година. Во вториот мандат, беше на листата на Сојузот за Македонија.

    Д-р Трпеноски во 2016, за 25-годишнината од независноста на земјава, за САКАМДАКАЖАМ.МК за првпат зборуваше за бурните настани и клучните моменти во формирањето на Република Македонија како суверена самостојна и независна држава. На прашањето зошто реши да биде независен пратеник и кога се случи тоа, тој кажа:

    „Прво, сакам да кажам дека беше донесен Изборен законик во кој беше предвидено инсталирање на повеќепартиски изборен ситем со мнозински изборен модел, во кое постоеше рамка и за израз на волјата на граѓаните и можноста за кандидирање на независни пратеници. Моите мотиви за прифаќање на кандидатурата на група граѓани, 150 потписи, беа следните: прво, не бев предложен од ниту една политичка партија. Второ, чувствував потреба и имав желба да учествувам во изборите за да го преиспитам мојот углед кај граѓаните како хирург во Струшката болница, каде што 20 години деноноќно ја обавував хирушката дејност. Имав желба да видам какви се можностите во еден повеќепартиски плурален Парламент за изразување на ставовите и погледите на независните пратеници“.

    Тој рече дека на изборите 1991 учествуваа 12 партии, во изборната единица 67, каде има руралните населби во подножјето на планината Јабланица, од селото Октиси па до Дренок, а сега тој дел е во Општина Струга.

    „И во тие избори јас го добив пратеничкиот мандат, добив околу 3.500 гласови, односно најповеќе од сите кандидати на сите 12 политички партии. Јас од политиката се повлеков во 1998 година, кога заминав во пензија. Сметам дека се оддолжив на граѓаните од тогашната 67-ма изборна единица, на тој начин што иницирав изградба на водоводи во селата Боровец и Подгорци, како и телефонска инсталација во Долни Дримкол. А бидејќи бев пратеник од областа на здравството, иницирав вработување на здравствени кадри во струшката болница од овој рурален крај покрај другите“, реЧе д-р Трпеноски.

    Куриозитет на времето беше и цената на неговата кампања:

    „Мојата програма ја изложив само на радио. Ја платив промоцијата на програмата на радио, за разлика од сега кога партиите трошат голем суми пари за рекламни кампањи, мојата кампања тогаш ме чинеше колку сега три кафиња“, рече д-р Трпеноски.

    На прашањето која е клучната разлика меѓу Македонија тогаш и сега, д-р Трпеноски рече:

    „Мислам дека тогаш се одвиваа позитивни демократски промени. Сега се одвиваат ретроградни процеси. Дури ако се направи споредба со поранешниот еднопартиски модел, можам да кажам дека демократијата и тогаш беше задоволувачка. А сега, демократијата е во ретрограден процес поради партизацијата на институциите. Тие го даваат ликот на државата. Правната држава е на ниско ниво и тешко се справува со хаосот во сите сфери“.

    Д-р Трпеноски ќе биде погребан утре во 13 часот на градските гробишта во Струга.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира