Во Литванија почина Александар Карадакоски, кој беше повреден во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, изјави министерот за здравство Арбен Таравари при посетата на Липково. Карадакоски беше заведен како управител на дискотеката „Пулс“ .
Таравари рече Карадакоски имал 40 отсто изгореници на телото, дека бил најкритичен пациент од сите кои се лекуваат во странство, а од 1 април навака му се влошила состојбата.
Трoјца осомничени за пожарот се јавуваат како одговорни лица, сосопственици или управители во извесен период во правното лице чија подружница е дискотеката.
„Со оглед на тоа што денешната 60-та жртва од катастрофалниот пожар во Кочани е лице кое претходно беше опфатено со наредбата за спроведување истражна постапка, во својство на управител на правно лице, Основното јавно обвинителство Кочани по прибавување на официјалната документација за настапената смртна околност ќе донесе наредба за запирање на истражната постапка за него“, соопшти Обвинителството.
Бројот на починати во пожарот во дискотеката сега е 60 лица, од кои 6 се деца, а од 197 повредени 25 се деца. Во странските медицински центри се третираат 79 повредени, а во Скопје околу 15. Критични се 4 пациенти, кои се лекуваат во странство. Пожарот се случи на концертот на групата ДНК поради употреба на пиротехнички прскалки, а меѓу загинатите се и шестмина членови на групата.
Вкупниот број на осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е отворена истражна постапка против 27 физички, три правни лица и против седум полициски службеници од СВР Штип и Полициската станица (ПС) Кочани кои давале позитивни мислења за неисправниот објект да добие дозвола од Министерството за економија. Во 30-дневен притвор се 31 осомничен, меѓу кои и тројца градоначалници на Кочани, како и групата од 7 инспектори и началници од СВР Штип и од ПС Кочани. Двајцата ексградоначалници на Кочани, Ратко Димитровски и Николчо Илијев се во куќен притвор, а актуелниот во оставка Љупчо Папазов е во затворски притвор. Тројца осомничени кои се повредени се во болница.
Покрај ексминистерот за економија Крешник Бектеши и Размена Чекиќ-Дуровиќ, одговорната во Министерството за економија за издадената лиценца за работа на „Пулс“ како кабаре, од високите носители на функции во притвор е и ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, но и раководители на сектори.