Во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка денеска од засега непознати причини почина 23-годишен притвореник.
Обдукцијата во текот на утрешниот ден треба да покаже од што починал притвореникот и дали имало евентуални траги на насилство, вели директорот Есад Рахиќ.
Притвореникот бил донесен во декември, под сомневање за кривично дело од член 16 од Кривичниот законик за недозволено држење и продажба на наркотички средства. Неофицијално, тој не се жалел на здравствени проблеми.
Во ќелијата не бил сам, бил со уште три притвореника.
Неофицијално, по направени 50 редовни и 30 брзи тестови кои затворот ги добил како донација, во затворот во Шутка нема позитивни на КОВИД-19, како меѓу лицата лишени од слобода кои издржуваат мерки таму, така и меѓу вработените. Негативни биле дури и тестовите на лицата со кои ја делел ќелијата притвореникот кој почина на 8 април од срцев удар, а чиј посмртно земен тест покажа дека тој бил позитивен на коронавирус.
За 14 дена ќе се повтори тестирањето, што е по протокол и е најсигурна процедура за утврдување на евентуално присуство на коронавирус, во случајов кај многу осетлива категорија на граѓани, кои не се на слобода.
С. К. ДЕЛЕВСКА