По 600 граѓани на ден се пријавени за вакцинација против сезонски грип во скопските поликлиники Идадија и Бит Пазар, а во Букурешт по 200, бидејќи за сезонски грип се вакцинира само втора смена, рече д-р Сања Цилевска-Младеновска.
Денеска почна бесплатната вакцинација против сезонски грип за ризичните групи граѓани. Со бесплатна вакцинација се опфатени следните ризични групи: повозрасни лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица.
Д-р Цилевска-Младеновска кажа дека грипот кај одредена популација може да направи сериозни проблеми и сериозни компликации и неповолен исход на самата болест.
„Граѓани повозрасни од 65 години, граѓани кои имаат сериозни хронични заболувања, малите дечиња од шест месеци до пет години, бремените жени и здравствените работници кои секојдневно се изложени на грипот преку своите пациенти, секако треба да си ја примат вакцината. Затоа што вакцината е добра, сигурно штити од комликации. Може нема да ги заштити да не се разболат од грип, меѓутоа ќе заштити од сериозни компликации, хоспитализации и несакан исход“, кажа таа.
Б. НЕСТОРОСКА