Од фасадата на Владата отпадна големо парче од стиропорот кој беше платен 8 милиони евра. Фотографиите со паднатиот стиропор ги објави потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, кој напиша: „Криминалот на режимот на ДПМНЕ ден денес го плаќаме“.
За изведбата на владината фасада со евтини материјали на почетокот на месецов истрага отвори Обвинителството за организиран криминал и корупција. Според истрагата, фасадата на Владата е изведена од материјал што не соодветствувал на материјалот предвиден во основниот проект, а изведувачот со „заштедените“ пари купил недвижности во Гази Баба, Центар Жупа и Крушево, а потоа истите ги продал по пониски цени од нивната пазарна вредност на политичката партија.
Барокизирањето на фасадата на владината зграда почна на денешен ден, во 2013 година.
„Во интерес на транспарентноста и отчетноста ја известуваме јавноста дека Владата на Република Македонија преку Службата за општи и заеднички работи започна со реконструкција на фасадата на зградата на Владата на Република Македонија. Проектот ќе опфати целосна реконструкција на старата и дотраена фасада, и очекувањата се дека во зависност од временските прилики ќе се реализира во наредниот едногодишен период. Ова е прва пообемна реконструкција на фасадата која датира од самата изградба на објектот. Самата изградба ќе обезбеди повеќекратен бенефит, вклучувајќи го естетскиот момент, заштедата на енергија и дополнително зацврстување на сигурноста на самиот објект. Беше оставена можност за идејното решение на самата фасада да одлучуваат граѓаните на Република Македонија, така што постојното решение е израз на нивната волја и желба“, соопштија тогаш од Владата на Никола Груевски.