ПОЧНАА ИСТРАГИТЕ ЗА „СКОПЈЕ 2014“ ЗА ПРОНЕВЕРЕНИ 8 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА РЕЗБАРСТВО НА СТИРОПОР НА ФАСАДАТА НА ВЛАДАТА

    ПОЧНАА ИСТРАГИТЕ ЗА „СКОПЈЕ 2014“ ЗА ПРОНЕВЕРЕНИ 8 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА РЕЗБАРСТВО НА СТИРОПОР НА ФАСАДАТА НА ВЛАДАТАНеофицијално, истрагата ја отвора Елизабета Јосифовска, обвинителка од поранешното СЈО. (Фото: СДК.МК)

    По сеопфатна предистражна постапка, денес јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донел Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица кои ја злоупотребиле својата положба и овластување при реализација на договорот за изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за реконструкција на фасадата и илуминација на објектот на Владата.  Предметот е дел од постапката за проектот „Скопје 2014“, вели Обвинителството за организиран криминал.

    Неофицијално, истрагата ја отвора Елизабета Јосифовска, обвинителка од поранешното СЈО.

    Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје попладнево делумно го прифати предлогот на обвинителството и на првоосомничениот со Решение му определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека на второосомничениот му определи мерка куќен притвор. Предметниот обвинител за останатите двајца осомничени до Судијата на претходна постапка достави предлог на мерки за обезбедување присуство за кои судот ќе одлучува во редовна постапка. Воедно, судијата го усвои Барањето за донесување на привремена мерка забрана на отуѓување и располагање со недвижен имот и го прифати Предлогот за издавање на решение за привремено запирање на извршување на финансиски трансакции со предлог за привремено одземање на имот.

    Според наредбата, постои основано сомнение дека првоосомничениот – управител на друштво за градежништво, трговија и услуги сторил кривично дело „Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ и кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување и поттикнување во извршување на истото кривично дело“, додека останатите три лица – второосомничениот како службено раководно лице на орган на државна управа и трето и четврто осомничените како одговорни лица управител на друштвото за инженеринг, проектирање и консалтинг и главен надзорен инженер за реализација на договорот, сториле по едно кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.

    Првоосомничениот (изведувачот на градбата) свесно ги повредил прописите за постапката за доделување на договор за јавна набавка за изведување на градежни и градежно-занаетчиски работи за реконструкција на фасадата и илуминација на објектот на Владата, и ја изиграл постапката за тендерот, доставувајќи како доказ дека го исполнува минималниот услов за утврдување на економската и финансиска состојба три договори за заеднички настап со три правни лица кои подоцна не ги ангажирал, како и два подизведувачки договори со правни лица на кои имал намера да им отстапи дел од тендерот.

    Иако бил должен, согласно Законот за јавни набавки, тој не ги навел и не доставил податоци за останатите подизведувачи што подоцна ги ангажирал. Со опишаните дејствија првоосомничениот за друштвото со кое управувал остварил имотна корист од поголеми размери во износ од 8 милиони евра. Воедно, подизведувачот што го ангажирал за изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за изведба на декоративни и фасадни елемети и изведба на каменорезачки работи за објектот на Владата, не ги испочитувал одредбите од подизведувачкиот договор и извршил монтажа на декоративни фасадни елементи изработени од материјал што не соодветствувал на материјалот предвиден во основниот проект.

    Второосомничениот, со умисла поттикнат од првоосомничениот, не ја извршил својата службена должност и при реализацијата на предметниот договор не ставал забелешки во поглед на начинот на изведба на работите и употребениот материјал и на тој начин дозволил подизведувачот да вградува декоративни фасадни елементи од материјал што ги нема потребните карактеристики. Трето и четврто осомничените како одговорни лица управител на друштвото за инженеринг, проектирање и консалтинг и главен надзорен инженер за реализација на договорот, со умисла поттикнати од првоосомничениот, ги искористиле нивните посебни овластувања и должности што ги имале врз основа на договорот за вршење на стручен надзор и ги прифаќале и одобрувале времените ситуации од изведувачот на работите во кои било наведено дека декоративните фасадни елементи се изведени од 96% минерален рециклиран дуван гранулат од силикатни шупливи микрозрна.

    Од декември 2014 до август 2015, првоосомничениот како одговорно лице управител на друштвото за градежништво, трговија и услуги, со искористување на посебните овластувања што ги имал согласно Законот за трговски друштва како управител на друштвото, прибавил значителна имотна корист во износ од 8.823.916,00 денари за политичката партија. Тој, по предходен договор со раководните лица на партијата, со цел партијата да купи недвижни имоти по цена пониска од пазарната, а притоа да ги избегне ограничувањата предвидени во одредбите од Законот за финансирање на политичките партии, во три наврати во име и за сметка на друштвото со кое управува купил недвижни имоти во Гази Баба, Центар Жупа  и Крушево, а потоа истите ги продал по пониски цени од нивната пазарна вредност на политичката партија.

    Во текот на денот со Наредба на судија на претходна постапка, а по предлог на обвинителот, се извршени претреси на повеќе локации, претресите  сè уште се во тек. Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Судијата на претходна постапка ќе поднесе соодветни поднесоци за обезбедување на присуство на осомничените, воедно, ќе достави Предлог за издавање на решение за привремено запирање на извршување на финансиски трансакции со предлог за привремено одземање на имот, како и Барање за донесување привремена мерка забрана за отуѓување и располагање со недвижен имот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА ​​

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира