ПОЧНА СМС КАМПАЊА ЗА ИНФОРМИРАЊЕ НА ГРАЃАНИТЕ ЗА ЗАПАДНОНИЛСКАТА ТРЕСКА, ДОСЕГА ИМА 38 ЗАБОЛЕНИ

    ПОЧНА СМС КАМПАЊА ЗА ИНФОРМИРАЊЕ НА ГРАЃАНИТЕ ЗА ЗАПАДНОНИЛСКАТА ТРЕСКА, ДОСЕГА ИМА 38 ЗАБОЛЕНИОд денешната прес-конференција на министерот за здравство Сашо Клековски со директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска. (Фото: К. Попов)

    Почната е СМС кампања за информирање на граѓаните во врска со западнонилската треска, кажа денеска министерот за здравство Сашо Клековски. Заклучно со 18 август, според последните податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во земјава се регистрирани вкупно 38 случаи на западнонилска треска, 36 потврдени и два веројатни, од кои 37 во Скопскиот Регион, а еден од Велес. Регистрирани се четири смртни случаи со невроинвазивна форма на болеста.

    Кампањата опфаќа испраќање на вкупно околу 38.500 пораки до граѓаните во засегнатите општини.

    „Вчера (18 август) испратени се 6.526 пораки – испраќањето започна во општина Петровец (1.554 пораки), а потоа продолжи во општина Гази Баба. На чекање за испраќање остануваат уште 31.365 пораки, кои постепено ќе бидат доставени до граѓаните во наредниот период. Досегашните резултати покажуваат висок степен на ангажираност – до 70 отсто од доставените пораки се прочитани од примачите и го посетиле линкот со дополнителни информации содржан во пораката“, рече министерот.

    Починатите се  машки лица на возраст од 62 до 83 години од Скопје, кои биле хоспитализирани во Клиниката за инфективни болести во Скопје. Кај три починати лица биле регистрирани коморбидитети.

    Од регистрираните 38 случаи, 28 се машки, а 10 се женски.

    По прогласувањето епидемија на западнонилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел, се преземаат мерки за контрола на комарците.

    Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) спроведе контрола на активности за дезинсекција во сите општини. Продолжуваат систематските и вонредните (по епидемиолошка индикација) активности за ларвицидна и адултицидна дезинсекција – авионска и терестичка – на територијата на Град Скопје и општините Гази Баба, Кисела Вода (населбата Драчево), Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец, Сопиште, Чучер Сандево и Велес. Заклучно со 14 август спроведени се повеќе циклуси на третман, вклучително и дополнителни интервенции на стоечки водени површини во засегнатите подрачја.

    Здравствените власти апелираат до граѓаните да се спроведуваат и почитуваат дадените препораки.

    „Отстранете стоечка вода од дворот (тацни од саксии, стари гуми, канти) и редовно чистете ги олуците. Поставете заштитни мрежи на прозорци и врати. Избегнувајте престој надвор во зори и самрак, кога комарците се најактивни. Носете облека со долги ракави и панталони и користете репеленти. При појава на симптоми – висока температура, главоболка, вкочанетост на вратот и слично, веднаш побарајте лекарска помош и известете го докторот за евентуален престој во засегнатите подрачја“, рече министерот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира