Почна второто судско рочиште против обвинетиот експремиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за насилствата во општина Центар во јули 2013 година и за нарачувањето шамари за градоначалникот Андреј Жерновски кај в.д. претседателката на Кривичниот суд Татјана Михајлова.
Покрај Фатиме Фетаи, која го застапуваше Специјалното јавно обвинителство на првото рочиште, денеска во судницата е и специјалната обвинителка Катица Јанева, која веднаш доби опомена од судијката Михајлова, откако реагираше зошто судијката во записникот го напишала нејзиното обвинителство скратено СЈО.
Претходно, од Специјалното јавно обвинителство рекоа дека уште не го добиле одговорот од Скопска апелација на жалбата против одлуката на судијката Михајлова, која на претходното рочиште ги одби предложените докази од обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи.
На трети февруари СЈО до повисокиот суд ја обжали одлуката на Михајлова да не прифати како доказ во овој предмет да важат прислушуваните разговори каде се слуша дека наводно, обвинетиот Груевски нарачува шамари за Жерновски, но и содржини како биле нарачани насилствата во општината. Обжалена е и одлуката на Михајлова да не го прифати сведокот на СЈО со специјален статус, чиј идентитет би го знаеле само таа и СЈО.
Во овој предмет обвинети се како нарачатели и ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, тогашна советничка, Даниела Рангелова.
СЈО досега има поднесено две обвиненија, за насилствата пред општина Центар и за уништување службени документи во тајната полиција каде првообвинет е поранешниот началник на Петата управа, Горан Грујовски.