ПОЧНАА ДА ЗГАСНУВААТ ГОЛЕМИТЕ ПРЕДМЕТИ ЗА КОРУПЦИЈА, МЕЃУ ПРВИТЕ СЕ „ТРЕЗОР“ ЗА МИЈАЛКОВ И ЗА ЧЛЕНОТ НА СУДСКИ СОВЕТ ТЕОФИЛОСКИ

    ПОЧНАА ДА ЗГАСНУВААТ ГОЛЕМИТЕ ПРЕДМЕТИ ЗА КОРУПЦИЈА, МЕЃУ ПРВИТЕ СЕ „ТРЕЗОР“ ЗА МИЈАЛКОВ И ЗА ЧЛЕНОТ НА СУДСКИ СОВЕТ ТЕОФИЛОСКИСо измените што ги донесе оваа власт, предметите на СЈО и на ОЈО за организиран криминал ќе пропаднат, а како ќе пропаднат, ќе угине и можноста да се конфискува и денар од криминално стекнатиот имот. - Сашо Мијалков; Зоран Теофиловски (Фото:СДК.МК)

    Закажаните рочишта за „Трезор“, каде првообвинет е Сашо Мијалков за оштета на државниот буџет од над 800.000 евра како директор на УБК, како и тоа против поранешниот член на Судскиот совет Зоран Теофилоски, кој за исто толку ја оштетил државата, денеска не се одржаа, поради застарување на предметите со измените на Кривичниот законик што ги донесе актуелната власт.

    Зоран Теофилоски всушност од денеска е целосно слободен граѓанин, бидејќи како што извести Коалицијата „Сите за правично судење“, присутна на судењето, Јавното обвинителство предложило Судот да донесе решение за запирање на кривичната постапка поради измените на Кривичниот законик. Судот донесе решение со кое ја запре постапката поради настапување на апсолутна застареност на кривичното гонење.

    А застарувањето настапува по намалувањето на казните за злоупотреба на службената положба и овластувањата (за кое беше обвинет Теофилоски), само со проста математичка операција. Помали казни – моментална или побрза застареност и престанок на кривичното гонење.

    Обвинителството денеска се препелкало како да побара крај и на предметот на СЈО „Трезор“ каде Сашо Мијалков и други се обвинети за незаконска набавка на прислушна опрема од Британија.

    Рочиштето беше одложено по барање на јавниот обвинител, поради потребно време за донесување на јавнообвинителска одлука согласно измените на Кривичниот законик“, било констатирано на записник од „судењето“.

    По наредба на Обвинителството за организиран криминал и корупција, во 2019 година беа приведени петмина вработени во Општина Тетово, а Одделот за организиран криминал во МВР го бараше членот на Судскиот совет Зоран Теофиловски, главниот обвинет.

    „Се работи за незаконска легализација и за приватизација на атрактивно земјиште“, кажа тогаш шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска.

    Обвинителството ја водеше предистрагата околу една година. Покрај приведните петмина, во истрагата се уште четири лица, а Теофиловски и деветтемина се гонеа за Злоупотреба на службена положба и овластување. Се работеше за нелегално стекнато атрактивно државно земјиште, како и бесправна легализација во врска со поранешното Тениско спортско Здружение Љуботен Тетово, чиј поранешен претседател е членот на Судскиот совет. Објектот наводно го поседува судијата Теофиловски под друго име. Тој е зет на поранешната претседателка на Судскиот совет Александра Зафировска, позната од бомбите по соработката со Груевски за време на изборот на судии.

    Основниот кривичен суд цела година не го почнуваше ова судење.

    Мијалков првично во „Трезор“ беше осуден на 8 години затвор, но Апелациониот суд Скопје, кој првин овој предмет го чуваше во фиока за да подзастари, под притисок на јавноста, го пресуди, со тоа што го врати на повторно судење.

    Собранието изврши упад во правниот систем на 6 септември кога ги намали казните за злоупотреба на службената положба и овластувањата и за злосторничко здружување.

    Предметите на СЈО и на ОЈО за организиран криминал ќе пропаднат, а како ќе пропаднат, ќе угине и можноста да се конфискува и денар од криминално стекнатиот имот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира