ПОЧНУВА ПРОБНИОТ ПОПИС ВО 13 ОПШТИНИ

    ПОЧНУВА ПРОБНИОТ ПОПИС ВО 13 ОПШТИНИСо пробниот попис на населението, кој почнува утре и ќе трае до крајот на месецот, треба да се види дали функционира веб апликацијата и какви се интернет конекциите.(Фото: СДК.МК)

    Почнува пробниот попис на населението, домаќинствата и становите, со кој ќе бидат опфатени 13 општини. Вработените во Државниот завод за статистика денес беа на терен да ги бележат границите каде ќе се одвива.

    Попишувањето се спроведува електронски, а попишувачите со лаптопи поврзани преку интернет конекција директно во посебна апликација ги внесуваат податоците. Вработените во Државниот завод за статистика денес беа во Општина Кисела Вода, која е една од општините каде ќе се спроведува пописот. Тие велат дека единствено ќе им треба матичниот број од граѓанинот, а дека целта на пробниот попис е да се провери веб апликацијата и интернет конекцијата.

    Секој попишувач треба да пополни три типа прашалници: за условите на живеење во домаќинството, за типот и квалитетот на станбениот простор и прашања за демографските, социолошките, економските и етно-културолошките белези на населението.

    Пробниот попис почнува утре од 9 часот и ќе трае до крајот на месецот, а ќе се спроведува во општините Гостивар, Кисела Вода, Зелениково, Штип, Радовиш, Куманово, Свети Николе, Кратово, Прилеп, Долнени, Струга, Кичево и Валандово.

    Пописот на населението, домаќинствата и становите треба да се реализира во април 2020. Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симески вели дека пробниот попис ќе го спроведат согласно европските стандарди.

    Пробниот попис почнува без да биде донесен Законот за попис, кој минатата недела беше ставен на дневен ред на собраниска комисија, но беше повлечен, а од Собранието нема информација кога повторно ќе биде ставен на дневен ред.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира