Во мачна тишина утрово се подготвува да почне судскиот процес против 35 обвинети за катастрофалниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс” во Кочани на 16 март. Дојдени се родителите на загинатите 63 млади луѓе и деца.
Обвинети се 35 луѓе и три фирми за Тешки дела против општата сигурност, за кое нема доживотна казна затвор, туку максимална казна до 20 години. Меѓу нив има поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), градоначалници на Кочани, инспектори, одговорни лица во фирмите кои раководеле со ноќниот клуб. Никој од обвинетите не призна вина. Обвинетите ги бранат вкупно 33 адвокати.
Судењето го води судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција се води посебна истрага за 20-тина полициски службени лица во врска со најтешката трагедија во Македонија, за која објавија сите медиуми во светот.
Бројните роднини стојат надвор виснати на полициската ограда следејќи го секое полициско возило со надеж дека ќе видат некој од обвинетите.
Но, судницата во Идризово е правена по современи стандарди, па обвинетите ги носат од задната страна.
С. К. ДЕЛЕВСКА



