Гасификацијата на Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир е меѓу приоритетите, вели министерот за здравство Венко Филипче по заканите од градоначалникот на Скопје Петре Шилегов дека ќе ја затвори болницата ако во рок од 30 дена не го смени начинот на греење, бидејќи со сегашниот систем го загадува воздухот.
„Покрај гасификацијата на болницата во Струмица и Куманово, во приоритетите е и гасификација на специјалната болница за гинекологија и акушерство ‘Мајка Тереза’ во Чаир. Проектот е готов и почнуваме тендерска постапка за изведба“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК министерот Филипче.
Тој рече дека Министерствито ќе ги поддржи сите јавни здравствени установи кои веќе имаат проекти за промена на нееколошкиот начин на греење.
„Разговаравме со преставниците на Европската комисија и ни беа дадени на увид можни проекти каде би можеле да аплицираме за енергетска ефикасност на јавните здравствени установи. Не можам да кажам колку и кога ќе се случи, но е во фаза на разгледување“, вели Филипче.
Скопскиот градоначалник Шилегов денес изјави дека градските инспектори два пати биле во Гинекологија Чаир и дека утврдиле оти болницата со начинот на загревање загадува, и дека ако во рок од 30 дена не го смени начинот на греење ќе ја затвори. Тој кажа дека ваков допис освен до болницата ќе прати и до министерот Филипче.
Според извештајот за квалитетот на воздухот изготвен од Европската организација на врховни ревизорски институции (ЕУРОСАИ), буџетот на Македонија за спроведување со аерозагадувањето е несоодветен, а системот не е правилно организиран и координиран. Инвестицијата за подобрување на квалитетот на воздухот од државниот буџет е мал и претставува само 0,1 отсто од БДП.
Извештајот на ова меѓународно ревизорско тело, составено од 15 врховни ревизорски институции од Европа, заедно со Европскиот суд на ревизори, се однесува на квалитетот на воздухот на Албанија, Бугарија, Естонија, Грузија, Унгарија, Израел, Косово, Молдавија, Полска, Романија, Словачка, Шпанија, Швајцарија, Македонија и Холандија.
Во делот за Македонија стои индустријата е најголемиот загадувач, а потоа следува загадувањето предизвикано од загревањето од домаќинствата и помали фирми, додека автомобилите се оценети како средни загадувачи, а отпадот, земјоделието и останатите фактори се оценети како помали загадувачи.
Според ова истражување, аерозагадувањето е главен еколошки ризик врз здравјето на луѓето.
Е. БОЧВАРОСКА