Под мотото „Спектакуларно непослушни“ денеска низ скопските улици се одржа 5. Парада на гордоста. Слоганот, според организаторите, ја симболизира непослушноста кон патријархатот и спектакуларноста на пет години одржување на Парадата.
Стотици луѓе од најразлични генерации се приклучија на маршот и славењето на различности, што тргна од паркот Жена борец, а главниот собир е на стадионот на АРМ во градски парк, каде што имаше и уметничка програма, мина без инциденти.
Организаторите велат ова е еден ден кога ЛГБТИ луѓето можат да бидат видливи, свои и автентични.
„ЛГБТ заедницата секогаш била одговорен член на ова општество, ги исполнуваме нашите обврски кон државата, но не добиваме никаков фидбек. Нашите права не се почитуваат“, беа дел од пораките.
„Додека се радувам гледајќи ја ќерка ми како го вее знамето на заедницата не можам, а да не се сетам на сите ЛГБТКу тинејџери кои жиеват во страв од своите родители или се соочуваат со отфрлање“, изјави мајка на трансродово лице.
„Она што е најважно за самата заедница е признанието дека ЛГБТИ луѓето постојат, затоа што пред дваесетина години најчест одговор на политичарите околу оваа тема беше дека ‘такви луѓе не постојат кај нас’, ‘тоа е тема и проблем кој кај нас не постои, туку е увезен од Запад’ итн“, рече Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка кој е еден од организаторите на Парадата.