ПОДДРЖЕТЕ ГИ СУДИИТЕ КОИ СЕ СПРОТИСТАВУВААТ НА ПРИТИСОЦИТЕ, РЕЧЕ БЕЈЛИ

    ПОДДРЖЕТЕ ГИ СУДИИТЕ КОИ СЕ СПРОТИСТАВУВААТ НА ПРИТИСОЦИТЕ, РЕЧЕ БЕЈЛИАмбасадорот на САД Џес Бејли на судиите им порача да го искористат новото лидерство и почитта што им ја укажува извршната власт на правосудството (Фото:Ѓ. Личовски)

    Независното судство претставува камен-темелник на современата демократија, изјави американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли, кој на одбележувањето на Денот на правосудството повика да се поддржат судиите кои се спротиставуваат на притисоци од политиката.
    „Од вас зависи дали сето тоа ќе се реализира во Македонија. Граѓаните имаат огромни очекувања, сакаат силно судство кое ќе обезбеди фер и праведно судење и ќе побара одговорност од виновниците. Да ги поддржиме судиите кои ќе се спротивстават на притисоците однадвор и ќе постапуваат кон сите еднакво според законот и нема да подлежат на притисоци од политиката. Ќе има пречки во спроведување на правдата, дури и во САД има луѓе што вршат опструкција на правдата, но судиите се тие кои ќе покажат компетенција и ќе ја стекнат довербата кај граѓаните“, рече амбасадорот Бејли.

    Тој на судиите им порача да го искористат новото лидерство и почитта што им ја укажува извршната власт на правосудството.

    Премиерот Зоран Заев рече дека судството мора да биде ослободено од стегите на политиката.

    „Владата секогаш ќе биде на позицијата на поддршката на строгата поделба на трите столба на власта. Застапник сум на концептот за зачувавање на интегритетот на судиите и на нивната независност. Самостојни и независни судии се истовремено јавното лице на правдата. Тие се чувари на владењето на правото“, рече Заев, кој додаде дека корупцијата ги поткопува темелите на државата и ги разнишува институциите.

    „Република Македонија се соочи со една таква закана, правосудството беше оттргнато од рацете на Јустиција и беше фрлено во рацете на политиката“, рече Заев. Тој рече дека врвен приоритет на Владата е создавање услови за целосна рехабилитација на правосудниот систем.

    На дебатата присуствуваа судии, обвинители, адвокати, вработени во правосудството, Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, амбасадорот на Велика Британија Чарлс Гарет и други дипломатски претставници.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира