ПОДГОТВЕНИ 1.000 КРЕВЕТИ ЗА ЛЕКУВАЊЕ ПАЦИЕНТИ СО КОРОНАВИРУС, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    ПОДГОТВЕНИ 1.000 КРЕВЕТИ ЗА ЛЕКУВАЊЕ ПАЦИЕНТИ СО КОРОНАВИРУС, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВОПолската болница до крајот на неделава ќе биде ставена во функција и во неа ќе се примаат пациенти со коронавирус откако ќе се исполни капацитетот на Инфективната клиника. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерството за здравство има на располагање вкупно над 1.000 болнички кревети за хоспитализирање пациенти со коронавирус и тоа во Клиниката за инфективни болести со дополнителните капацитети, Градската општа болница „8 Септември“, Инфективните одделенија во Штип, Гостивар и Велес, Институтот за белодробни заболувања во Козле, депандансот на Министерството за труд и социјална политика во Демир Капија, како и понудените капацитети од приватните болници.

    „Здравствениот систем е подготвен да апсорбира поголем број пациенти којшто се очекува со пикот на коронавирусот кон крајот на април“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

    Инфективната клиника заедно со дополнителниот капацитет за прием на тешко и средно-тешко болни пациенти со коронавирус располага со 250 болнички кревети, а со близу 400 кревети болницата „8 Септември“ во Скопје.

    Деновиве привршува поставувањето на полската болница која се наоѓа веднаш до Инфективната клиника, на просторот каде беа бараките на студентскиот дом „Медицинар“. Ќе има капацитет за 130 пациенти на кои им треба болничко лекување. Филипче најави дека болницата до крајот на неделава ќе биде ставена во функција и во неа ќе се примаат пациенти со коронавирус откако ќе се исполни капацитетот на Инфективната клиника.

    „Во моментов, на Клиниката за инфективни болести се лекуваат 59 пациенти што претставува една четвртина од расположивите капацитети само на оваа локација, што значи дека овие институции располагаат со доволно капацитети, но и со инфектолози специјалисти по инфективна медицина и обучен медицински персонал“, велат од Министерството за здравство.

    Оттаму додаваат дека моделот на третман и лечење на тешките и средно тешките пациенти во институции каде што има специјалисти по инфективна медицина, во комбинација со домашното лекување е модел на пристап кон пациентите со коронавирус којшто се применува во Германија и се покажува како солиден и може да се аплицира во нашата земја.

    Вкупната бројка на регистрирани заболени пациенти од корнавирус до вчера беше  354, од кои 17 се излекувани, а 11 се починати.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира