ПОДГОТВЕНИ СМЕ ДА ВЕ ПРИМИМЕ ВО СЕМЕЈСТВОТО, КАЖА ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР НА НАТО ЈЕНС СТОЛТЕНБЕРГ ВО СКОПЈЕ

    ПОДГОТВЕНИ СМЕ ДА ВЕ ПРИМИМЕ ВО СЕМЕЈСТВОТО, КАЖА ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР НА НАТО ЈЕНС СТОЛТЕНБЕРГ ВО СКОПЈЕРеализација на реформите во делот на безбедноста, владеење на правото, разузнавањето и борба со лажните вести треба да продолжи, кажаа премиерот Зоран Заев и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на денешната прес конференција во Скопје. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на заедничката прес конференција со премиерот Зоран Заев рече дека НАТО е подготвен да ја прими Северна Македонија во семејството на НАТО и ја пофали земјата за покажаното лидерство во решавање на спорт со Грција. Тој кажа дека договорот од Преспа треба да биде модел по кој ќе се решаваат отворените прашања на Балканот и на тој начин да не се дозволи минатото да ја уништи иднината.

    „Северна Македонија веќе спроведе значајни реформи во делот на владеење на правото, безбедноста и разузнавањето, а нивната реализација треба да продолжи и тука сме да ви помогнеме. Го зголемивте буџетот за одбрана, изминатата година имаше зголемување на странските инвестиции, а членството во НАТО ќе ја зајакне безбедноста и сигурноста на граѓаните и ќе овозможи просперитет“, рече Столтенберг.

    За премиерот Зоран Заев самитот на НАТО што годинава во декември ќе се одржи во Лондон е одлична можност Македонија да биде промовирана како 30. членка на алијансата. Тој ова го кажа на заедничката прес конференција со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој заедно со Советот на алијансата е во дводневна посета.

    „Самитот на НАТО во декември годинава што ќе се одржи во Лондон го гледаме како одлична можност да ја одбележиме завршницата на членство во НАТО на 70-годишнината од основањето на алијансата и официјално добредојде на 30. земја членка. Но секако нема да има никакво суштинско значење доколку процесот на ратификација заврши и на почетокот на 2020 година, односно станеме полноправна членка во првите месеци наредната година“, рече Заев.

    Тој кажа дека владата ги решила сите отворени билатерални прашања и ја вратиле земјата на вистинскиот пат, особено во делот на владеење на правото.

    „Ги спроведовме исто така неопходните чекори за реформирање на разузнавачките агенции и на безбедносните служби на транспарентен и инклузивен начин со домашни и меѓународни партнери и засегнати страни. Сега тие повторно ја добија автентичната улога, да бидат во служба на безбедноста и сигурноста на граѓаните и на интересите на земјата и нејзините сојузници“, рече Заев.

    Тој кажа дека владата останува посветена на промовирање на регионалниот дијалог и соработка со сите соседни земји, што е основа на регионална безбедност. Според него за две години е направен историски пробив и по позитивната оценка од европската комисија очекува Европскиот совет наскоро да даде и датум за отпочнување на преговори за членство во ЕУ.

    „Мој пријателе Јенс ти ни даваше поддршка и охрабрување, кога тоа ни беше најпотребно, ти благодарам. За мене лично бевте сериозно охрабрување и инспирација. Со благодарност на сите наши пријатели и сојузници“, рече Заев, заблагодарувајќи му се на генералниот секретар на НАТО.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира