ПРОГРЕСИВНИОТ ДАНОК НА ДОХОД ОД 18 ОТСТО ЌЕ СЕ ПЛАЌА САМО ЗА СУМАТА ОД ПЛАТАТА НАД 90.000 ДЕНАРИ, КАЖА МИНИСТЕРОТ ТЕВДОВСКИ

    ПРОГРЕСИВНИОТ ДАНОК НА ДОХОД ОД 18 ОТСТО ЌЕ СЕ ПЛАЌА САМО ЗА СУМАТА ОД ПЛАТАТА НАД 90.000 ДЕНАРИ, КАЖА МИНИСТЕРОТ ТЕВДОВСКИСо парите од даночната реформа треба да се обезбедат дополнителни 25 милиони евра, кои според министерот за финансии Драган Тевдовски ќе се искористат за борба против сиромаштијата (Фото:СДК.МК)

    Прагот за прогресивниот данок на доход што сака да го воведе Владата ќе биде 90.000 денари месечна нето плата, кажа министерот за финансии Драган Тевдовски. Тој рече дека стапката за прогресивен данок ќе биде дополнителни 8 отсто за доходот над овој праг, односно ако некој има месечна плата од 100.000 денари, данокот на доход до сумата од 90.000 денари ќе се пресметува по стапка од 10 отсто, а остатокот од сумата со стапка од 18 отсто.

    „Прагот го избравме оти тоа се најдоходовниот еден процент во земјата. Граѓанин со бруто плата од 140.000, која е еднаква на 92.733 денари нето, по воведување на реформата ќе зема нето плата од 92.444 денари, а дополнителниот данок е 289 денари, односно 0,2 отсто од бруто платата. Со овие пари ќе се финансира социјалната реформа“, рече Тевдовски.

    Тој кажа дека најдоходовните еден процент од луѓето во Македонија во 2017 година заработувале во просек по 4.486 евра месечно.

    „Тоа е за 14,4 пати повеќе од просечниот доход на граѓаните во земјава и Македонија ја става на прво место по социјална нееднаквост. Ваквите драстични социјални разлики не се праведени и креираат општество каде нема еднакви можности, многу граѓани немаат пристап до соодветно образование и здравство. Прогресивниот данок е стандард кој го има во Европската Унија и во САД, а Албанија го воведе во 2014 година и има резултати. Корист од рамниот данок имаат само најбогатите, тој беше воведен да им служи на малкумина, кои заработуваа многукратно повеќе од останатите. Сметаме дека прогресивниот данок е праведен и е во прилог на целата економија“, рече Тевдовски.

    Тој најави дека даночното ослободување за пензиите и платите ќе се зголеми од 7.500 на 8.000 денари и дека со тоа се намалува ефективната даночна стапка, особено оние со ниски примања.

    Според него прогресивниот данок нема да предизвика луѓето со вакви примања да си заминат од Македонија или компаниите да ги префрлат бизнисите во други земји.

    „Луѓето од Македонија заминуваат во европските земји, каде даноците се многу поголеми. Тие не заминувааат заради високите даноци, туку заради тоа дали државата може да им обзебеди соодветно образование, здравствена и социјална заштита“, рече Тевдовски.

    Приходите од капитал, рече Тевдовски одлучиле да не влегуваат во прогресијата, и даночењето да биде еднократно со стапка од 15 отсто.

    Даночната реформа треба да стапи на сила од следната година и со неа да се обезбедат дополнителни 25 милиони евра, а предлогот за законски измени треба да помине во Собранието.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира