Полицаец вработен во Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал во македонската полиција, е уапсен во Косово во рамките на меѓународна акција за сузбивање фалсификатори на пари. 34-годишениот ресенчанец, е уапсен во Косово на 4 август во заедничка акција на македонската и косовската полиција. Како што соопшти Еуроправда, тој е осомничен дека изработил околу 2 милиона лажни монети од 2 евра, кои требало да бидат пуштени во оптек на пазарот во Косово.
Јавното обвинителство соопшти тој пуштил во оптек во Косово стотици илјади фалсификувани метални евромонети по 2 евра.
При претресите во неговиот дом, запленети се машини за производство на фалсификувани валути, шаблони за монети и репроматеријали. Осомничениот подолго време бил следен.
МВР соопшти дека биле извршени претреси на три локации, при што се пронајдени и одземени две машини со компресори за потиснување, шест метални печати за изработка на монети од две евра, шест вреќи со полупроизвод на монети и една вреќа со готов производ на фалсификувани монети.
„Одземените предмети ќе бидат предадени на понатамошно вештачење“, се вели во соопштенијата на МВР и Јавното обвинителство.
Фалсификуваните пари се правеле на две преси во подрум во Скопје. Фалсификаторот користел пет различни мотиви за националната страна на лажните монети, со што лажно прикажувал дека парите наводно доаѓаат од Франција, Италија, Хрватска, Финска и Португалија.
Оваа акција била поддржана од Европол и од Проектот на Европравда за кривична правда на Западен Балкан.