Во просек во Македонија секој ден се случуваат најмалку три (пријавени) кривични дела семејно насилство со најмалку три жртви на овој вид насилство, покажа денешната анализа на МВР, на чија презентација беше и министерот Панче Тошковски.
Од 2021 до 2025 година, има регистрирано 5.699 сторители на семејно насилство од кои 91% се мажи. За овој период 132 жени се пријавени за семејно насилство.
Во просек од 90-100 деца жртви на семејно насилство се избројани во истиот период.
Оваа година има 7 фемициди.
Во првите 10 месеци од 2026 година, има рекордни 1.897 пријавени случаи на семејно насилство, наспроти 1.125 првите месеци 2025 година. Зголемување за 70 отсто.
Тошковски рече дека сега МВР може по службена должност да постапува во делот на нанесување телесна повреда при семејно насилство, а не само по пријава на жртвите, и затоа се зголемува ефикасноста во решавањето на овие случаи.
„Сепак клучно е што жртвите на семејно насилство се повеќе пријавуваат. Не трпат, веднаш пријавуваат”, кажа тој.
Оваа година од страна на МВР поднесени се 1.450 кривични пријави за семејно насилство, што е за 50 отсто повеќе од лани.
Жените најчесто се нападнати и повредени во својство на сопруги, а потоа и како жени во вонбрачна заедница и како мајки.
По брза постапка се поднесени 153 кривични пријави.
Изречени се 163 мерки притвор, за 270% повеќе од 2025 година.
Има регистрирано жртви во 214 пријавени прекршоци (карање викање, малтретирање, тепање на јавни места), најчесто сопруги и мајки.
Уште од летото во собраниска процедура е Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, закон во надлежност на Министерството за труд и социјала, за кои пратеничката од ЛДП Моника Зајкова собра потписи за поднесување предлог-закон до Собранието, по убиството и самоубиството во Богданци.
Тие се за делот од мерките што ги одредува Граѓанскиот суд.
На брифингот, Тошковски кажа дека сега може полицаец да изрече мерка итно отстранување на сторителот од домот на 48 часа, ако утврди дека има основано сомневање дека тој е потенцијален насилник, сторил насилство, па макар и да е сопственик на домот. Ова е во случај кога насилникот или насилничката се фатени во вршење на семејно насилство.
Во рок од 6 часа МВР го известува судот и тој понатаму одлучува дали ќе се врати дома пријавениот насилник.
С. К. ДЕЛЕВСКА



