ПОЛИЦИЈАТА ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ 12 ЛИЦА ЗА ПРЕСТРЕЛКАТА ВО МАЛА РЕЧИЦА, НА СИТЕ ИМ Е ОДРЕДЕН ПРИТВОР

    ПОЛИЦИЈАТА ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ 12 ЛИЦА ЗА ПРЕСТРЕЛКАТА ВО МАЛА РЕЧИЦА, НА СИТЕ ИМ Е ОДРЕДЕН ПРИТВОРОд увидот на местото на престрелката во Мала Речица на 5 април. (Фото: Зандон)

    СВР Тетово во соработка со СВР Куманово и Одделот за криминалистичка полиција при МВР, го документираше и расчисти случајот од 5 април во Мала Речица во кој едно лице го загуби животот, а двајца беа повредени и до надлежното Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 12 лица, соопшти Министерството за внатрешни работи.

    Кривичната пријава е за основано сомнение за сторено кривично дело „убиство“ и соизвршителство во вршењето на тоа дело, како и за две кривични дела „убиство во обид“.

    Како што соопшти МВР, кривично пријавени се лицата: М.Н. (40), М.Х. (34), М.Ф. (23), М.Б. (21), М.И. (21), М.М. (24) сите од кумановското село Черкези, потоа Р.С. (42), К.Х. (42), Р.Б. (41) тројцата од Куманово, како и Р.Д. (44) од Черкези, Љ.Б. (40) од Елбасан (Албанија) и Д.Ф. (22) од кумановското село Опае.

    Десетмина од пријавените се предадени на судија на претходна постапка кој што, пак, на сите дванаесетмина пријавени веќе им одреди мерка притвор во траење од по 30 дена. Покрај десетмината кои се веќе обезбедени, се трага по лицето Д.Ф., додека лицето М.Ф. поради здобиените тешки телесни повреди е задржано на болничко лекување. Против лицата Р.Б. и Љ.Б. е поднесена и кривична пријава за сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување и држење на огнено оружје и распрскувачки материи“.

    Престрелката меѓу две групи се случи околу 18.30 часот во четвртокот, во село Мала Речица на улица 167. Во престрелката со смртоносни повреди се здобил Неип Реџепи од кумановското село Белановце, а М.Ф. и Р.С. се здобиле со телесни повреди.

    На местото на настанот, полицијата и обвинителството пронајдоа осум испукани чаури од пиштолска муниција, еден неиспукан куршум од пиштолска муниција и три зрна од куршуми, траги од крв и една безбол палка.

    „Сите пронајдени траги и предмети се подигнати од лице место и испратени на вештачење во ОКТИВ при МВР на РМ. Во рамки на оперативните активности во едно од пронајдените возила непосредно по настанот, кога се приведени двајца од 12 осомничени, пронајдени се и два пиштоли и тоа марка „Валтер П99“ со калибар – 9 мм, како и пиштол марка – „Брауинг“ исто така калибар 9 мм, кои биле употребени во случајот во Мала Речица. По наредба на јавен обвинител, извршени се претреси на 12 локации на СВР Куманово“, се вели во соопштението на полицијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира