ПОЛИЦИЈАТА СЕ ОДНЕСУВАЛА НЕЧОВЕЧКИ КОН ШАРЕНИТЕ РЕВОЛУЦИОНЕРИ, НИЕДЕН ПОЛИЦАЕЦ НЕ Е КАЗНЕТ

    ПОЛИЦИЈАТА СЕ ОДНЕСУВАЛА НЕЧОВЕЧКИ КОН ШАРЕНИТЕ РЕВОЛУЦИОНЕРИ, НИЕДЕН ПОЛИЦАЕЦ НЕ Е КАЗНЕТНародниот правобранител до Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) во ноември минатата година поднел предлог за утврдување кривична одговорност против четворица полицајци и против други непознати службени лица од МВР за мачење и друго сурово, нечовечко и понижувачко постапување и казнување - од минатогодишните протсети против аболицијата на Ѓорге Иванов (Фото: СДК.МК)

    Полицијата се однесувала нечовечки и понижувачки кон протестите од Шарената револуција, но ниту еден полициски службеник не е казнет за тоа, се вели во последниот Извештај за почитувањето на човековите права што го објави Народниот правобранител.

    „Малтретирање во вршење на служба и нечовечко, понижувачко и нехумано постапување на полицијата констатиравме на масовните протести на граѓаните против одлуката на претседателот за помилување на поголема група функционери и службени лица, како и при транспортот на обвинетите во кумановскиот случај“, изјави Омбудсманот Иџет Мемети кој предупреди дека „ниту истрагата, ниту собраните докази не беа доволни за Република Македонија да докаже дека има ефективна истрага против полициската бруталност и казнување“. Со тоа, според него продолжува неказнивоста на полициските службеници што е појава која придонесува граѓаните да не се чуствуваат сигурни.

    Народниот правобранител до Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) во ноември минатата година поднел предлог за утврдување кривична одговорност против четворица полицајци и против други непознати службени лица од МВР за мачење и друго сурово, нечовечко и понижувачко постапување и казнување врз повредените Горјан Атанасов, Горан Наумовски, Бахри Реџепи и Димитрија Анѓелковски, дел учесници, а дел репортери од протестите на Шарената револуција во Скопје. Во предлогот на Омбудсманот се наведени и други полесно повредени од полицијата учесници во протестите на 13 април минатата година, ден по амнестирањето на 56-темина високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ и нивни помошници, од претседателот Ѓорге Иванов.

    Новинарот на Плусинфо Горан Наумовски беше еден од повредните во полициската акција против протестот на Шарената револуција на 13 април
    (Фото: Аматерска фотографија)

    Пријавените полицајци, се вели во предлогот, тој ден биле распоредени на потегот од Собранието до улица Димитрие Чуповски, каде што се наоѓа канцеларијата на Иванов. Требало да го обезбедуваат непријавениот протест на група граѓани.

    “Од страна на посочените припадници на МВР, неселективно, кон одредени демонстранти биле употребени средства за присилба: тонфа, удирање со полициска палка и штитник и врзување на рацете со лисици. Како последица на нивното дејствување, кај приведените лица во полициските станици Центар и Кисела Вода биле констатирани следните повреди: Горјан Атанасов имал повреда на долната вилица, Крсте Ѓонески имал црвенило на лактите и колената, Вангел Милески црвенило на десната надлактица и на левата натколеница, Никола Аризанов имал црвенило на левата подлактица, а Сашо Рафајловски повреда на зглобот од левото стапало“, се вели во предлогот до ОЈО Скопје.

    Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР, пак, оценил дека се оправдани мерките на полицајците кои тепаа демонстранти и новинар таа вечер.

    Не се знае каква е судбината на предлогот за кривично гонење против овие полицајци. Од ОЈО Скопје во законскиот рок на Народниот правобранител му одговориле само дека предметот е кај нив и оти е во разгледување, велат од канцеларијата на Омбудсманот.

    ОЈО Скопје не одговори ни на прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК за овој случај.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира