Полицијата го известило Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција дека обвинетиот Сашо Мијалков се подготвува да бега во саботата во 23 часот, по што утредента во 15 часот до Основниот кривичен суд е поднесен предлог за изрекување мерка притвор, соопштија од Јавното обвинителство.
Одлуката на судот за куќен притвор обвинителството ја примило во 18.45 часот вчера и велат дека дотогаш јавните обвинители биле известувани од надлежни лица во Министeрството за внатрешни работи дека имаат визуелен контакт со обвинетиот Мијалков и дека тој не е избеган.
Според соопштението, во 21:20 часот обвинителството било известено дека има проблем со врачување на решението за притвор, по што во 21:47 е потврдено дека обвинетиот Мијалков не е пронајден. Тој сè уште е во бегство.
„Првите индиции дека можеби се подготвува бегство на обвинетиот Сашо Мијалков Министерството за внатрешни работи ги сподели со обвинителството на 20.02.2021 година (сабота) во 23:00 часот. Во неделата утрото по направените неопходни проверки, изготвен е предлог за определување на притвор. Во 12:00 часот со цел да обезбеди услови за прием на предлогот за притвор, обвинителството го извести Основниот кривичен суд – Скопје за изготвениот предлог, како и Министерството за внатрешни работи. По исполнување на административните процедури, предметните обвинители во 14:30 часот се упатиле во Основниот кривичен суд – Скопје, каде во 15:00 часот Предлогот за определување на притвор е примен од судот и со Решение на обвинетиот Сашо Мијалков му е определeна мерка куќен притвор и 24 часовен видео и аудио надзор. Решението од страна на обвинителството е примено во 18:45 часот. Во меѓувреме, до приемот на решението, јавните обвинители се известувани од надлежни лица во Министeрството за внатрешни работи дека имаат визуелен контакт со обвинетиот Мијалков и дека тој не е избеган. Околу 21:20 часот обвинителството е известено дека има проблем со врачување на решението за притвор, по што во 21:47 е потврдено дека обвинетиот Мијалков не е пронајден“, се вели во соопштението на обвинителството.
Од обвинителството велат и дека со оглед на тоа што во моментот на изготвување на предлогот за определување на мерка притвор, како и во моментот на нејзиното поднесување до судот, обвинетиот Мијалков не бил во бегство, обвинителството смета дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело Помагање на сторител по извршено кривично дело, заради што ќе ги преземе сите неопходни мерки за расчистување на ваквите сомненија.
Пресудата за Сашо Мијалков во случајот „Тврдина-Таргет“ треба да биде изречена на 26 февруари.