Полицијата ги претресе домот и два угостителски објекти на сопственикот на кочанската дискотека „Пулс“ што изгоре со 59 жртви, како и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) – Канцеларија Кочани, во истрагата за катастрофалниот пожар на 16 март.
„На 25.03.2025 од страна на полициски службеници извршени се претреси во домот на Д. Ј., неговото возило ‘инсигниа’ и два угостителски објекти, како и во Државен пазарен инспекторат – Канцеларија Кочани. Во домот на Д. Ј. пронајдени и одземени се лап топ компјутери, повеќе мобилни уреди, документација и други предмети. Одредени предмети се одземени и од возилото и од угостителските објекти, а пронајдена и одземена е и финансиска документација. Во ДПИ – Канцеларија Кочани пронајден и одземен е еден компјутер, еден лап топ компјутер и еден таблет, како и целокупната документација поврзана со правни субјекти во сопственост на Д. Ј.“, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Во пожарот во неисправната и незаконска дискотека со фалсификувана лиценца „Пулс“ загинаа 59 млади луѓе, од кои 6 деца, а беа повредени околу 200 од кои 25 деца.
Вчера, Обвинителството нареди нови претреси и апсења, а неофицијално, приведени се и сопругата и ќерката на сопственикот на дискотеката. Засега, во притвор се вкупно 34 осомничени.
На 21 март, Основното јавно обвинителство Кочани донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле – Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Сите осомничени во периодот од 2012 до 16 март 2025, заеднички но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери. Верижните пропусти и незаконити дејствија на одговорните и службените лица, довеле до тоа да при користење на пиротехничките средства на 16 март за време на настапот на група ДНК во „Пулс“ да биде предизвикан пожар, соопшти Обвнителството.
Сите осомничени се обезбедени и се во притвор, освен тројца осомничени кои се повредени во болница.
Први кои добија ефективен притвор од по 30 дена, беше групата од 7 инспектори и началници од СВР Штип и од Полициската станица (ПС) Кочани кои давале позитивни мислења за неисправниот објект да добие дозвола од Министерството за економија, за кои постапува Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Тимот на обвинителите е зголемен на 11 истражители кои планираат да направат распит на над 300 сведоци.