Редовни прегледи, зголемување на процентот на вакцинација со ХПВ вакцина и намалување на трендот на породување со царски рез, се услови за подобрување на женското здравје. Медицинските експерти, кои се дел од Петтиот меѓународен конгрес на гинеколози и опстетричари во Охрид, кажаа дека очекуваат подобрување на резултатите за безбедно мајчинство во наредните три години, но загрижува тоа што наталитетот и понатаму опаѓа.
Свеста за вакцинирање со ХПВ вакцината сè уште е на ниско ниво, велат лекарите. Процентот на вакцинирана млада популација и покрај бројните кампањи е мал. Според нив, младите треба да добијат подобра едукација кога станува збот за почнувањето со сексуалните односи.
„Младите генерации апсолутно немаат доволно развиена свест. Можеби тоа е наша грешка, грешка на образовниот систем, на родителите. Нема доволно свест за тоа колку е неопходно да бидат заштитени и какви се потенцијалните животни последици од евентуалните инфекции, не само ХПВ туку и многу други“, вели професорката Оливера Кондич-Вучиниќ од Србија.
За лекарите и понатака останува предизвик дефицитот на стручен кадар. Системот се организира со мобилни екипи за да се обезбеди здравствена грижа онаму каде недостасува, а бројот на специјализации е двојно зголемен оти потребите се поголеми. Тоа, според професор д-р Ана Данева-Маркова, продекан за специјализации и супспецијализации на Медицинскиот факултет при Универзитеотот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, е единствен начин да се задржат младите лекари да останат во државата.
Професор д-р Глигор Тофоски, претседател на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), вели дека стапката на породувања со царски рез во светски рамки бележи огромен пораст. Причина е недоволната информираност за ризиците и придобивките на овај тренд кој пред сè е избор на самата жена.
„Според Светската здравствена организација, породувања со царски рез од 7 отсто се зголемени на 21 отсто. Кај нас во 1990-тите години беше околу 10 проценти, а сега во регионот е зголемен за околу 21 процент што значи некаде 31 проценти, но во Македонија тој е 42-43 проценти. Скоро половина од бебињата се раѓаат со царски рез. Тоа е оптеретување, бара опрема, бара кадар, бара анестезиолози, конци, оперативно време, значи повеќе чини, а од друга страна компликациите за мајките се исто така поголеми за разлика од вагиналното породување“, вели д-р Тофоски.
На Конгресот во Охрид присуствуваат над 500 гинеколози и акушери од нашата држава, но и од повеќе европски држави, Италија, Турција, Малта, Португалија, Египет, Словенија, Хрватска, Србија и Албанија.
С. ВРЕНЦОВСКА