Во Основниот суд Скопје 1 денеска се слушаа бомби за предметот на СЈО „ТНТ“ за уривањето на комплексот Космос на бизнисменот Фијат Цаноски во 2011 година. Најголем дел од прислушуваните разговори се меѓу двајцата обвинети, Никола Груевски и Миле Јанакиески. САКАМДАКАЖАМ.МК ги пренесува само досега необјавените разговори.
Разговор меѓу Груевски и Миле на 14 август 2011 година, ден пред минирањето на Космос: „Како иде?“, прашува Груевски.
„Ми потврдија, утре ќе биде. Овој знае? Ќе дознае, вечер ќе поставуваме сајли, жици. Има шпиуни, све знае“, му одговара Миле.
„Горде дојдена ли е?“, прашува Миле.
„Не мора Горде, барај го Радникот, со него сме постојано во контакт“, му одговара Груевски.
На 15.08.2011 година минирањето е извршено. Разговараат Груевски, кој не е многу воодушевен од моќта на експлозивот, и Јанакиески, кој му вика дека ефектот бил супер, на ТВ Алфа имало „многу добра снимка“.
„Ако е онеспособена, тогаш не мора да ја довршуваме“, вели Груевски, за да паднат товарот и трошоците за тоа на оштетениот Цаноски.
„Лета цела, не знам како се држи“, вели воодушевен Миле.
Утредента тие му пуштаат кривична пријава на Цаноски до Обвинителството.
„Рикер нели си оди?, го прашува Миле Никола.
„Не, тука е. Не не сака многу за ова“, смета Никола.
„Знам, овој му е близок. Ти ќе кажеш дека декларативно си за сите да се рушат“, се договараат двајцата како да се справат со тогашниот амбасадор на САД Филип Рикер.
Потоа Миле му кажува како дента второстепениот орган ќе му ја одбие жалбата на Цаноски за срушениот објект и дека ќе го терал случајот до Стразбур.
Во бомбите што беа денес пуштени за „ТНТ“, имаше и една со датум од 4.08.2011 година, а се однесува на телефонски разговор меѓу тогашниот министер за надворешни работи Никола Попоски и обвинетиот Миле Јанакиески. 11 дена пред уривањето на Космос и Попоски знаел, а бил задолжен да ја испегла работата пред реакциите на странските амбасадори во Македонија.
„Колку има такви случаи што излегуваат од габарити, сигурен сум и други има?“, прашува Попоски.
„Нема многу рушења, период на легализација е“, му вели Миле.
„Мора да има барем уште еден, гледав на ТВ. Да собереме такви информации, за кога ќе излеземе, да знаеме. Да не речат на овој му рушите, на тој не“, советува Попоски.
Истиот ден за Космос, разговараат Јанакиески и Мартин Протоѓер: „Спремете го тоа и дајте му го на Суле. Он знае како треба да изгледа тоа. Никола го виде, Горде го одобри, ќе им го дадеме на рака на амбасадите со курир“, вели Протоѓер.
Ни по уривањето, реакциите на амбасадите до Владата не престанале. Разговор од 17.08.2011: „Зборев со Соренсен. Прашува како само Фијат го срушивте?“, му вели Груевски на Миле, два дена по уривањето.
„Има во Гостивар бесправна градба“, предлага Миле.
„Е па терај, не чекај со динамит. Да не го тупиме пак“, му вели Груевски.
На денешното изведување на доказите-бомби во случајот ТНТ за уривањето на Космос на Фијат Цаноски на 15.08.2011 година, беа читани и 50-тина смс – пораки меѓу двајцата главни обвинети Никола Груевски и Миле Јанакиески.
Порака на Миле до Груевски дента по минирањето: „Заврши денешното минирање. Визуелниот ефект не е како што очекувавме. Големиот објект не е паднат, динамитот на три места не е активиран. Разговарав со минерите пак да минираат“.
СМС од Груевски до Миле на 20.08.: „Миле, што мислиш Советот на Гази Баба да му поништи?“
„Најнапред да му ги наплатиме комуналиите, да му го поништиме одобрението, па да уцртаме кај што мисли да гради натаму“, одговара Миле по СМС.
„Најмалку што можеме да му направиме е барок стил. Чисто зашто А1 беше многу заинтересирана да го проучува барокот“, му одговара Груевски и става на крајот емотикон смајли.
Судењето продолжува на 3 јули.
С. К. ДЕЛЕВСКА