ПОРАДИ ГУСТАТА МАГЛА ОТКАЖАНИ СИТЕ УТРИНСКИ ЛЕТОВИ ОД СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ

    ПОРАДИ ГУСТАТА МАГЛА ОТКАЖАНИ СИТЕ УТРИНСКИ ЛЕТОВИ ОД СКОПСКИОТ АЕРОДРОМОткажани се сите утрински летови на авиокомпанијата „Визер“ бидејќи ниту еден авион од нивната база во Скопје ноќеска не можеше да се врати дома.(Фото: СДК.МК)

    Поради густата магла откажани се сите утрински летови од Скопскиот аеродром. Откажани се летовите на авиокомпанијата „Визер“ од Скопје до Дортмунд, Брисел, Париз, Љубљана, Базел, Меминген и Венеција. Откажан е и летот до Загреб на „Кроација ерлајнс“, како и за Истанбул на „Туркиш ерлајнс“.

    Во моментов на аеродромот во Скопје нема ниту еден авион. Ниту еден од шесте авиони на „Визер“ кои се стационирани во базата во Скопје вчера не успеа да слета дома на Скопскиот аеродром. Поради маглата авионите беа пренасочени на аеродромите во Приштина, Софија, Тирана, Солун и Охрид. Екипажите на „Визер“ утрово патуваа до аеродромите каде вчера им слетаа авионите и од таму ќе летаат кон дел од дестинациите што утрово беа откажани, за да ги земат патниците на летовите кон Скопје.

    Поради многу густата магла вчера на Меѓународниот аеродром Скопје слетаа само три авиони и само тие успеаја да полетаат попладне, кога малку се подобрија временските услови. Другите полетувања беа откажани, а авионите што требаа да слетаат беа пренасочени. Видливоста паѓаше на помалу од 100 метри, што е далеку под стандардите за инструментално слетување во најниската категорија 1, каква што е онаа на Скопскиот аеродром.

    Од Меѓународниот аеродром Скопје велат дека без разлика на временските прилики, аеродромот е постојано отворен, а персоналот е подготвен да ги прифати, услужи и испрати авионите и патниците. Од таму објаснуваат дека аеродром се затвора само со посебна одлука при што се испраќа авијациска порака НОТАМ до сите чинители во авиосообраќајот, а тоа се прави само во исклучителни ситуации кога некој капацитет на аеродромот поврзан со опслугата на авионите не е во функција, или пак ако станува збор за општа вонредна состојба.

    „На веб-страницата на Меѓународниот аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/ сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време, како што информациите стигнуваат во нашите системи. Нашиот пулт за информации работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот, а нон-стоп работи и нивната телефонска линија, со број: +389 2 3148 333, каде што патниците можат да се информираат за статусот на нивните летови“, велат од Меѓународниот аеродром Скопје.

    Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во Скопје и во наредните три дена се очекува променливо облачно време со појава на магла.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира